Чија приказна е најважна, кога суровоста и хуморот чекорат рака под рака?

На дело стапува исклучително талентирана актерска екипа, која успешно ја внесува аромата на спектакуларна плашливост, кревкост и грозност. Тука, пред сѐ, мислам на брилијантните креации на Хакан Даци и Дин Ибрахим, и двајцата наградени за актерски остварувања на 57 издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.

„Слушај, не разбирам што правам овде.
Не знам што сакаш да кажам.
Немам ништо против никого.
Јас само пишувам приказни.“
Катуриан

Пишува: Звонко Димоски

„Човек перница“ на современиот ирски автор Мартин Мекдона, во режија на Сибел Абдиу, во продукција на Турски театар од Скопје, „Машина Продакшн“ и „Пик Продукција“, ја раскажува приказната за Катуриан (Хакан Даци), писател кој живее во непозната дистописка земја која е под контрола на брутален полициски режим, претставуван од Туполски (Јеткин Сезаир) и Ариел (Бурак Рахман). Катуриан и неговиот брат Микаил (Дин Ибрахим) се испрашувани од двајцата полицајци, бидејќи грозоморни детали од приказните на Катуриан се поврзуваат со убиства и исчезнувања на деца кои живеат во истиот град. Овие мистерии, не само што имаат сличност со приказните што ги пишува Катуриан, туку и откриваат многу детали за неговото детство и односот на неговите родители кон него и неговиот брат.

Катуриан е израснат со постар брат, од родители кои со еден бескрупулозен експеримент му се посветиле за да го негуваат и развијат неговиот талент за пишување. Додека грижливите и внимателни родители го охрабруваат неговото пишување, тој слушна врисоци на момче од соседната соба, што всушност е неговиот брат Микаил, измачуван од неговите родители. Катуриан, наоѓајќи го својот запуштен брат, сега веќе со мозочно оштетување од долгогодишно мачење, ги убива своите родители, гушејќи ги со перница.

Додека двајцата полицајци трагаат по убијците на децата, Катуриан се обидува да открие дали неговиот брат навистина е вмешан во убиствата, но, пред сѐ, најмногу се грижи за тоа како да ги заштити неговите приказни од уништување, за да може да ги читаат другите. Катуриан е подготвен да го ризикува својот живот, само за да ја спаси неговата суштина – неговите приказни.

Оваа црна комедија на Мартин Мекдона се смета за еден од најважните и највпечатливите текстови во изминатите 25 години. Во овој обсценичен текст, Мекдона ја испитува улогата и врската на уметникот во/со општеството, прашувајќи каква цена плаќаме сите ние (не само уметниците) за слободата на изразување. Текстот, исто така го истражува односот помеѓу уметникот и неговата уметност, терајќи нè да размислуваме дали животот што го живееме имитира уметност или нешто многу позлобно и поштетно.

„Човекот перница“ е совршено четиво за макабристички ентузијасти кои уживаат да ги анализираат приказните на браќата Грим, регионалните мрачни бабини бајки за добра ноќ, поткастите од серијата „Вистински криминал“, или пак, секаде сакаат да видат нишка и инспирација од Квентин Тарантино и сл. И ова е сосема оправдано, бидејќи буквално нема да имате време да трепнете додека Мекдона нафрла пресврти, кои успешно нѐ изместуваат од удобноста во секоја следна реченица, истовремено нарушувајќи ги нашите гледишта за убавото како категорија. Од една страна, неговата прецизна и инвентивна имагинација и беспрекорен слух за природен дијалог се толку остри, што секогаш предизвикуваат почит и внимание, а сепак, од друга страна, огромниот интензитет на ужасите поврзани со нивното доловување, предизвикува вриење дури и во најотпорните стомаци.

Во овој драмски текст во три чина, кои ги вклучуваат четирите споменати лика, и обично, уште тројца актери кои имаат улога на раскажувачи, режисерката Абдиу, веројатно пробувајќи да се фокусира, пред сѐ, на врската на уметникот и системот, во кој сите бидуваат напати и сурови, и кревки, како и да ја пронајде хуманоста во насилството, се одлучила на скратувања, или отсуство на повеќето позадински описни приказни поврзани со родителите на Катуриан и Микаил, со исчезнувањата на децата и др. Притоа, во потполност успеала во намерата гледачот да биде во постојан грч додека гледа, бидувајќи сигурна дека нејзините сценски решенија и креираната актерска игра ќе извлечат емоции од публиката, која нема да биде само нем набљудувач.

Кога се подготвува моќна претстава со четири актера, само еден слаб момент може да го смени целокупното восприемање на делото. Сепак, режисерските и драматуршките интервенции на Сибел Абдиу, како и сценско-костимографските решенија на Ујза Жури, Диелза Минци и Фисник Халили, во форма на мрачна просторија за испрашување (и истовремено измачување) со експонирана затворска ќелија над неа, во која на почетокот е изложен Микаел, мошне убедливо ја пренесува публиката во полициска станица под контрола на неименувана тоталитарна држава.

Таквиот, своевиден ризик, се покажува како оправдан, бидејќи Абдиу поставува на сцената, односно во коцката/кафезот за испитување на осомничени, мошне динамична претстава, со многу одмерен комичен пристап (што лесно кај Мекдона може да се претвори во пародија), со современа „холивудска“ карактеризација и визуализација на ликовите, како и, тоа што во овој случај е најважно, брзи, многу спретни промени во расположенијата, наравите и наративите на четворицата актери, како еден од главните белези на оваа наградувана претставата.

Генерално, доколку внимателно не се следи секој детаљ, и воопшто се нема знаење за творештвото на Мекдона, претставата, сепак, може да се доживее како „збунувачка“ мешавина од полициско варварство и човечка убавина, со вметната непристојна веселост, согласно гледната тема. Но тука, на дело стапува исклучително талентирана актерска екипа, која успешно ја внесува следната клучна состојка, односно аромата на спектакуларна плашливост, кревкост и грозност. Тука, пред сѐ, мислам на брилијантните креации на Хакан Даци и Дин Ибрахим, и двајцата наградени за актерски остварувања на 57 издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.

Хакан Даци е извонреден како креативниот гениј Катуриан, писателот кој се грижи за својот брат со оштетен мозок, и кој на сцената опишува свои приказни со трогателна и искрена раскажувачка вештина. Сложеноста на Катуриан, Даци одлично ја скицира преку емпатијата што ја буди во нас, поради која почнуваме да ја сакаме неговата страст како раскажувач, и да сочувствуваме со неговото проблематично воспитување, напати занемарувајќи го мракот што тлее веднаш под површината.

Дин Ибрахим исклучително убедливо и суптилно го игра братот Микаил, кој и покрај својот оштетен мозок, покажува дека неговото постоење, размислување и дејствување, често има многу повеќе смисла, за разлика од оние кои имаат среќа да ги поседуваат сите способности. Ибрахим на сцената е целосно автентичен, поради што неговиот Микаил станува и привлечен, пред сѐ, поради способноста за ескапистички промени на расположението додека се раскажуваат и случуваат приказните.

Интеракцијата меѓу двајцата браќа, седнати на подот во полицискиот логор, пренесена е исклучително реално и потресно, и тогаш гледачите веќе знаат дека ова не може да заврши добро. Токму во овој дел од претставата публиката ја слуша приказната за „Човекот перница“, реална приказна која истовремено е шокантна и сочувствителна.
Јеткин Сезаир како полицаецот Туполски поседува доволно самодоверба за да стане јасно дека тој е одговорниот во водената постапка, иако публиката може неколку пати да набљудува како тој ја губи својата смиреност и контролата во текот не вечерта. Сезаир има индивидуални моменти на автентично поврзување со својот лик, не само како полицаец, туку и како човек, кој во моменти на кревкост споделува тегоби од својот живот. Оваа кратка и искрена интеракција на Сезаир со Даци е одлична.

Суровиот Ариел на Бурак Рахман, бидува многу забавен во својата ноншалантност на полицаецот од „нашата населба“ и треба да се нагласи неговиот лесен актерски стил, кој многу тешки моменти ги претвора во комедија, иако не успева во текот на целата претставата да ја одржи тензијата во нијансираната комбинација на комичност и заплашување, што треба да ја пренесе неговиот лик.

Со овие двајца полицајци, режисерката балансира на тенката линија помеѓу сериозноста на претставата и полесните моменти, кои на публиката ѝ даваат кратка оддишка од мрачниот светоглед во којшто учествуваат.
Целата екипа, водена од режисерката Абдиу, ја заокружува претставата на чуден оптимистички начин, оставајќи ѝ на публиката многу простор за размислување и заклучок.

Сподели