Со четири премиери на матичната сцена, две во сопствена продукција и две копродукции, Македонскиот народен театар ја завршува 2021 година. Националниот театар ги сумираше постигнувањата во изминатата година. „Само глас“ е првата праизведба/премиера изведена во мај. Претставата е во режија на Марјан Неќак и младата и неизмерно талентирана авторка Нина Плавањац. Во септември беше изведена на 29. издание на фестивалот „Ристо Шишков“, а со улогата во оваа претстава актерката Звездана Ангеловска стана единствениот актер кој по втор пат ја доби наградата за најдобро актерско остварување. Со снимен глас игра и Никола Ристановски и балетанот Мирослав Митрашиновиќ од НОБ. Претставата учествуваше на 16. меѓународен фестивал „Јоакимфест“ во Србија каде ја доби и Специјалната награда на градот Крагуевац за извонреден музички концепт.

На 55. издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“, наградата за животно дело му припадна на доајенот на МНТ, Емил Рубен, а Јордан Симонов ја доби наградата за главна машка улога во претставата „Мој термин“. Беше отворена изложбата „Монодрамите и дуодрамите на МНТ“, по идеја и реализиција на Ивана Јарчевска и Мила Анѓелковиќ.

Ѓорѓи Јолевски, за монодрамата „Последната лента на Крап“, копродукција на МНТ и „Перипетија продукција“ доби Гран при за најдобра претстава и најдобра режија на 22. Интернационален фестивал на монодрамата во Битола.
„Нема да биде крај на светот“ од младиот автор Аднан Лугониќ, а во режија на Нина Николиќ беше изведена на Сараевски ратни театар — САРТР од Сараево, а потоа и во МНТ, како копродукциски проект. Претставата на фестивалот „Живи фест“ во Босна и Херцеговина освои четири награди: специјалната награда за режија за Нина Николиќ, наградата за најдобра актерка за Дарја Ризова, наградата за најдобар актер за Саша Ханџиќ и специјалната награда за актерска игра ја освои Џана Џаниќ.

Претставата работена според вистински приказни „Работи за кои не зборуваме“, во режија на Нела Витошевиќ, беше во продукција на МНТ и Wonderland Theatre. Претставата имаше турнеја во Србија, Полска и во БиХ, а беше изведена и во Битола и во Штип. Последната претстава во 2021 година беше „Торонто експрес“ од Зоран Спасов-Ѕоф, во режија на Јордан Симонов, а во изведба на Александар Микиќ.

МНТ со претставата „Отело“ гостуваше на 18. Интернационален фестивал на античка драма во Стоби на сцената во „Ј.Х.К.-Џинот“ во Велес и на Скопско лето. „Само глас“ гостуваше на Скопско лето и на Охридско лето, каде МНТ ја подари и бистата „Орфеј на Ана“ на Ана Липша-Тофовиќ (1970) година на нашиот најреномиран фестивал.
Претставата „Кец на десетка“ гостуваше на манифестацијата „Струмица – Град на културата“, а „Мој термин“ го отвори „Војдан Чернодрински“. Во МНТ гостуваа: „Поделби“ од Добрица Ќосиќ, по драматизација на Спасоје Ж. Миловановиќ, а во режија на Југ Радивојевиќ. Гостуваа „Ј. Х. К. -Џинот“ со танцовиот перформанс „Петтото годишно време“ и Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово со претставата „Драма изгубена во времето“. Годината се заврши со монографијата „АКТ – Театарот низ фотографии“, забележано под објективот на фотографот Кире Галевски и Македонскиот народен театар како издавач. Промоцијата на монографијата ќе биде во текот на оваа година.

Насловна фотографија: Ѓорѓи Јолевски во „Последната лента на Карп“

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.