Двојазична книга „Лажно време“ со избрани и нови песни од Раде Силјан објави издавачката куќа „Арка“ од Србија по повод 75 години од раѓањето и 50 години од објавувањето на првата книга на еден од најзначајните современи македонски поети. Препевот е на академик Ристо Василевски, еден од најистакнатите посветеници во афирмацијата на македонската поетска реч во Србија. Пред српската читателска публика, изданието овозможува целосна слика за поетиката на Силјан и за нејзините суштински вредности. Циклусите ги претставуваат одделните развојни фази на неговото поетско творештво и одделните тематско-мотивски кругови, вклучително и најновите творечки остварувања. Книгата содржи и обемен поговор од Паскал Гилевски, еден од најдобрите познавачи на поезијата на Силјан.
– Лириката на Раде Силјан е од отворен тип, крајно објективна, читлива и запаметлива, прифатлива од широката читателска публика, што значи дека не е херметична, затворена, вкожурена, упатена и стокмена само за една елитна категорија читатели, само за строго упатените и верзираните во литературните процеси и лавиринти. Тој никогаш не се подал на соблазнувачкото искушение да биде роб на некои изми и правци кои ја оддалечуваат уметноста на зборот од многубројните читатели. Тој го направил вистинскиот избор и тргнал по вистинскиот пат и се најде во редот на најдобрите современи македонски поети, кои сметаат, како старите класици, дека литературата им е потребна на луѓето – истакнува Гилевски.
Изданието ја отсликува оваа доминантна творечка определба забележлива во поезијата на Силјан, вклучително и особеностите на неговиот поетски опит со кој, како што е забележано, македонската литература има еден нов вид патриотска поезија.

Ефтим Клетников вели дека според тематското устројство, типот на сликите, психологијата и атмосферата и според некои слични константни на неговиот пев, поезијата на Силјан претставува еден целосно обмислен поетски и поетички реализиран проект.
– Назначен бегло и фрагментарно во неговата прва поетска книга, тој се надоградува во еден убедлив авторски, препознатлив и самосвесен идентитет на радесилјановското пеење. Тоа пеење посебно ќе дојде до израз со својата зрелост, прочитливост во последните книги од овој поет – вели Клетников.
„Арка“ објавил избор од поезијата на Силјан и претходно, во 2015 година, под насловот „Огледало на вековите“.
„Поезијата на Раде Силјан претставува повеќеслоен и сеопфатен поетски универзум, во кој сè со мера е проткаено и дозирано: мислите, емоциите, имагинацијата и лиризмот“, истакна тогаш српскиот книжевник Миќо Цвијетиќ.
Раде Силјан е поет, критичар, есеист, книжевен истражувач, преведувач и антологичар. Автор е на 23 стихозбирки. Добитник е на највисоките признанија за поезија кај нас: наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Носител е на Државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на уметноста. Поезијата на Силјан во посебни книги е преведена на англиски, руски, грчки, турски, италијански, бугарски, српски, унгарски, полски, латински, романски, црногорски, влашки, словенечки, албански и бошњачки јазик. Добитник е на високи меѓународни признанија за поезија.
По повод 75 години од неговото раѓање и 50 години од објавувањето на неговата прва поетска книга „Третиот лик на времето“, неодамна, одделни изданија објави и Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје – избор од неговата поезија и книга со избор од книжевната критика за неговото поетско творештво.





