„Череп во Конемара“ на Јане Спасиќ премиерно изведена во Театар Комедија

Последната премиера во Театар Комедија за 2023 година се случи синоќа на големата сцена на театарот. Станува збор за пиесата „Череп во Конемара“ од Мартин Мекдона, во режија на Јане Спасиќ, кој е воедно и преведувач на драмите на Мекдона на македонски јазик, заедно со драматургот Горјан Милошевски.

На претставата работа: Валентин Светозарев (сценограф), Ивана Каранфиловска Угуровска (костимограф), Дарија Андовска (автор на музиката). Улогите ги толкуваат: Сергеј Димоски, Елена Кузманов, Виктор Арсов и Тони Денковски.

Мартин Мекдона (1970) е препознатлив по својот апсурдистички црн хумор во драмските текстови и во филмските остварувања. Неговите најуспешни пиеси се сместени во Западна Ирска и се напишани на ирски идиом. Комбинацијата од руралните ирски предели и изместениот урбан сензибилитет им дава мрачен, насилен и смешен призвук на неговите дела.

Пиесата „Череп во Конемара“ е дел од трилогијата „Линејн“ и првпат е поставена во 1997 година во Градскиот театар во Голвеј. Дејството е сместено во рурално место во околината на градот Голвеј, во областа Конемара, каде што живеат навидум богоугодни и длабоко религиозни луѓе. Недолго по разменувањето на првите реплики, се открива дека, всушност, ликовите се неморални, лицемерни, злобни, а дека Конемара е место каде што владее безвластие, па и најситна кавга или зајадлив коментар може да поттикнат насилство, па дури и убиство.

Режисерот Јане Спасиќ четврти пат работи на текст од Мекдона.

– Сè што ќе кажам за оскаровецот Мартин Мекдона и еден од најбрилијантните драматурзи во моментов ќе биде излишно. Публиката веројатно веќе го познава неговиот сензибилитет по неговите филмови „Трите билборди пред Ебинг, Мисури“, „Во Бриж“, „Седум психопати“, како и последниот, „Тажачките на Инишерин“, кој од сите овие филмови има најслична атмосфера со ’Череп во Конемара‘. И во оваа пиеса, како и во сите негови филмови и драмски текстови, има беспрекорно напишани карактери, пресврти и апсурден црн хумор, кој ќе им се допадне на оние со специфична смисла на хумор. Претставата постојано се движи помеѓу комичното, темното и апсурдното. Динамиката често преминува од бурни моменти на смеа до тензични откритија и закопани тајни. Ова ќе биде моја четврта средба со Мартин Мекдона и мило ми е што токму во Театар Комедија ќе ја комплетирам трилогијата ’Линејн‘. Претставата ја работев со млада и енергична екипа, со која се надеваме дека на публиката ќе ѝ приредиме еден одличен емотивен ’ролеркостер‘, кој им пркоси на традиционалните жанрови“.

Со премиерата на „Череп во Конемара“ Театар Комедија ја спушта завесата на својата повеќе од успешна 2023 година, во која реализира пет премиери [„Веќе не е ни смешно“, „Ревизор“, „Ало, ало!“, „Демнејќи го Годо“ (во копродукција со Турскиот театар од Скопје) и „Череп во Конемара“], угости повеќе од 28 илјади гледачи на 109 репертоарни изведби и ја објави и ја промовира книгата „Етика: Уметноста на глумецот и на режисерот“ од Константин Станиславски, поставувајќи си повисоки цели за следната година.

Сподели