Цената на рачната изработка не треба да се споредува со фабричката

На базарот во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје од утре до 8 март можете да ги видите производите на Елеонора Дулјанова и на нејзините колеги и да станете сопственици или да подарите рачно произведени уметнини

Рачно сликани марами, брошеви од кожа, накит од кожа и керамика, алки со цветови, уникатни парчиња од керамика се само дел од призводите на Елеонора Дулјанова која повеќе од 20 години се занимава со применета уметност. Од Скопје до Англија и повторно во Скопје патува нејзината приказна и личен развој како артизан. Вели дека условите за работа на занаетчиите кои се занимаваат со рачна изработка на уметнини не е лесна, а поддршката од државата најчесто се множи со нула. Единствена опција им се базарите. Токму на базарот во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје од утре до 8 март можете да ги видите производите на Дулјанова и на нејзините колеги и да станете сопственици или да подарите рачно произведени уметнини.

Елеонора Дулјанова

Повеќе од 20 години сте активна на полето на применетата уметност. Раскажете ни за Вашите почетоци, како почна целата приказна?

– Да, повеќе од дваесет години се занимавам со дизајн и изработка на керамика и сликани марами. Почетоците се уште во средно, во 3. и 4. година кога првпат се запознав со глината, меѓутоа тогаш немав можност за понатамошно развивање и учење на техники на изработка. Вистинските почетоци се откако дипломирав во Скопје и заминав прво во Брајтон, а потоа во Лондон. И на двете места посетував курсеви за дизајн на керамика, а подоцна на Челси колеџот за уметност и дизајн вкупно две и пол години се посветив на керамиката. За марамите идејата дојде подоцна, по враќањето, откако веќе во Лондон пробував изработка со текстилни бои. Спонтано, направив неколку, а за кратко имав нарачки и голем успех на еден од базарите на МАТА, па продолжив да ги изработувам до ден-денес.

Како се прошируваше палетата на производи и што сè изработувате денес?

– Работата на рачни изработки не беше секогаш континуирана. Низ годините работев на многу проекти од културата, конкретно на филм и на неколку фестивали. Пред четири и пол години, по напорната работа на филм имав потреба енергијата да ја пренасочам на нешто креативно, едноставно да се ослободам од тензијата и да се опуштам. Покрај марамите и глината, спонтано дојде и идејата за брошеви од кожа, рачно сликани и обликувани. Понатаму тоа се разви и во накит во комбинација со кожа и керамика, кожни алки со цветови, венчиња и футроли за очила, и еве, до денес сè уште ги изработувам.

Колку е важно за еден уметник да е препознатлив по стилот?

– Изработувам доста различни производи и од различни материјали. Можеби стилски и да не се сите на прв поглед препознатливи, но препознатливо кај сите е органската форма, без рабови, агли и прецизност, форма што потсеќа на природата. Присутна е колоритност кај сите изработки, разиграност.

Вие сте дипломиран историчар на уметност со археологија. Колку изучувањето на овие области Ви помогнаа во работата?

– Да, дипломирав историја на уметност со археологија. Можеби има поврзаност, најверојатно љубовта кон едната струка ја поттикнала љубовта кон другата или обратно.

Какви се условите за работа на еснафските работници денес во Македонија? Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате? Како државата ја помага оваа дејност?

– Ова е деликатно прашање. Да прашате кој било што се занимава со рачни изработки, мислам ќе ви каже дека државата никако не го поттикнува, ниту мотивира овој сектор. Најчесто претставувањето на изработките е на базари по повод некој празник и тие се малку. Ретко кој самостоен артизан може да си дозволи да отвори свој простор за продажба, и на тоа данок да плаќа. Цената на рачната изработка никако не треба да се споредува со онаа фабричка изработка, бидејќи ова не е масовно производство, сите парчиња се уникати и внимателно работени по неколку дена.

Каде може да се купат Вашите производи? И што најмногу би Ви помогнало да се подобри нивниот пласман?

– За базарите секогаш се плаќа котизација за учество и најчесто се организираат во трговски центри или хотели. Убаво би било да се размисли државата да обезбеди простор, не мора да е преголем, каде што ќе можеме сите артизани, а не сме малку, со ротирање да ги изложуваме своите производи. Порано тоа беше Старата скопска чаршија, а денес многу малку има таму. До тогаш производите може да се разглеаат на страницата на Фејсбук – Small Piece of Joy и на Инстаграм – smallpieceofjoy.