Графичкиот роман „Стармен“ – годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст од германскиот автор и цртач Рајнхард Клајст, излезе од печат преку издавачот „Бункер“, во рамките на едицијата „Апслоутни почетници“. Преводот од германски јазик е на Симона Мирчевска, а предговорот го напиша Игор Анѓелков. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, а објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик го поддржа Министерството за култура.
Зиги Стардаст е алтер его на Боуви во еден значаен дел од неговото творештво. Зиги Страдаст е рокенрол вонземјанин испратен на Земјата да ја пренесе пораката на надеж, во последните пет години од нејзиното постоење…
– 1972 година го означува раѓањето на овој рокенрол месија, чии провокативни настапи му го донесоа на Дејвид Боуви статусот на водечка светска музичка ѕвезда – велат од „Бункер“.
Во „Стармен“ авторот Клајст ги испреплетува судбините на ексцентричниот фиктивен лик и Дејвид Боуви, од раните неуспешни денови на лондонската музичка сцена, до борбата со својата креација на врвот од славата. Кајст е реномиран германски стрип-автор. Преведуван е на повеќе јазици, а неговите дела освоиле некои од најпрестижните награди. Графичкиот роман Cash I see a darkness (биографија музичката икона Џони Кеш) е номиниран за двете најпрестижни американски стрип награди „Ајзнер“ и „Харви“. Истото дело, како и графичкиот роман „Боксерот“ беа прогласени за најдобар стрип на германски јазик во годините на нивното објавување. За „Боксерот“ Клајст ја добил Германската награда за литература за млади. „Бункер“ го има објавено и неговиот графички роман „Олимписки сон – Приказната на Самија Јусуф Омар“ кој ја освои наградата за мир „Густав-Хајнеман“. Стармен, претставува круна на досегашна кариера на Рајнхард Клајст.