Броња Жакељ, „Бело се пере на деведесет“: Денес дури и тагувањето повеќе не е ритуал

Се чини дека низ мојот роман зборува гласот на многумина и дека луѓето очигледно пронашле одраз за себе во мојот наратив, тие чувствуваат дека мојата приказна во одредена смисла е и нивна приказна – вели словенечката авторка

Нејзиниот дебитантски роман „Бело се пере на деведесет“ ниже успеси уште откако излезе од печат во 2019 година. Броња Жакељ (1969) е дипломирана новинарка која првично се занимавала со маркетинг, а денес работи во банкарскиот сектор. Затоа што работата не ù нудела многу креативен простор, а љубовта за пишувањето никогаш не ја напуштила, решила да го напише својот прв роман, кој ќе ù го пробие патот во светот на книжевноста.

„Животот помеѓу бројки понекогаш може да биде досаден. Од друга страна, пишувањето ми е забавно. И затоа што јас сакам да се забавувам, се случи оваа книга“, умее да каже Жакељ. Во нејзиниот автобиографски роман, меѓу другото, го опишува своето детство, справувањето со смртта на нејзините мајка и брат, како и сопствената битка со ракот. Во 2019 година, за книгата ја доби престижната книжевна награда „Кресник“, а лани достигна нова пресвртница – романот стана најпродаваната белетристика на сите времиња во Словенија. Според романот ќе се снима филм, за кој таа го напиша сценариото заедно со режисерот Марко Набершник.

Жакељ, која живее и работи во Словенија, неодамна престојуваше во Скопје, како гостинка на јубилејното 10. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. По тој повод, Умно.мк разговараше со неа за пишувањето, справувањето со траумите, смртта како тема во литературата, трендовите…

Вашата книга обработува тешка тема, но се покажа дека токму со пишувањето за болеста и смртта привлековте многу читатели. Зошто вашето книжевно деби допре до толку многу читатели од различна возраст? Дали верувате дека читателите најдоа утеха, сочувство, начин да се справат со толку тешки прашања и дека веројатно отворивте простор за вакви табу теми?

– Мислам дека една од причините е тоа што споделив нешто реално, малку искреност во овој вештачки свет создаден од социјалните медиуми. Се чини дека низ мојот роман зборува гласот на многумина и дека луѓето очигледно пронашле одраз за себе во мојот наратив, тие чувствуваат дека мојата приказна во одредена смисла е и нивна приказна. За мене, како автор, ова е нешто убаво. Многу повеќе од она на што се надевав. Да, книгата обработува тешки теми со кои сите живееме секој ден, а со кои тешко се соочуваме. Но, се занимава со нив без клишеа, без едукативни тонови, дури и со иронија и хумор. Успехот дојде тотално неочекувано, и сè уште сум изненадена од интензивната реакција, особено од отворените исповеди на читателите за тоа колку мојата приказна ги трогна.

Станува збор за автобиографски роман. Дали кога книгата излезе од печат за вас значеше некаква катарза, исцелување или можеби прошка? Дека некако успеавте да го оставите настрана товарот на емоциите и да се помирите со работите само со пишување?

– Кога книгата беше објавена пред сè, се чувствував добро што го завршив она што го започнав, што не е секогаш случај. Инаку пишувањето не беше автотерапија за мене, барем јас не го чувствував така. Гледањето наназад во мојот живот ми беше вообичаено дејство, начин на кој се навраќам секој ден. Затоа што луѓето кои го напуштија мојот живот се луѓе на кои морам да се осврнам. Во таа смисла, пишувањето на романот, размислувајќи за минатото, не се разликуваше од животот што го живеам секој ден. Најголемата трансформација се случи кога почнав да добивам повратни информации од првите читатели, а тоа ми помогна да видам одредени работи од далечина. Од една страна, книгата беше начин да ја надминам тишината по смртта на мајка ми, а од друга страна да преиспитам некои клучни периоди од мојот живот. Само преку перспективата на другите луѓе кои ја читаа книгата, го променив, на пример, начинот на кој го гледав татко ми, недостигот на неговата поддршка кога развив рак на лимфните жлезди на дваесет години.

Морам да кажам дека никогаш не го обвинував за тоа, ниту во себе ниту во мојата книга. За волја на вистината, мислев дека нема ништо лошо во неговото отсуство, дека тоа е нормално. Кога ми се слоши, мислев дека сум доволно возрасна за сама да одам во Онколошкиот институт, а потоа да одам со автобус дома по хемотерапија и радиотерапија. Но, кога погледнав наназад на овој период низ очите на другите, сфатив дека тоа не е нормално и дека татко ми не успеал да биде таму како родител. Од друга страна, со повеќе сочувство се навраќав на моите тинејџерски години, моите проблеми во училиштето и слично. Никогаш не сакав да ја искористам смртта на мајка ми како изговор, но сега сфаќам дека не се работи за изговори, туку за загуба која со себе донесе огромни промени.

Денес општото гледиште е дека станавме општество нечувствително на страдањето на другите. Со сè попопуларната свест за умирањето и смртта, дали ризикуваме да станеме воајери на смртта? Што мислите дека се менува во културата на смртта?

– Сè се смени, можам да кажам. Трагедијата на западното општество е што никогаш не се плашевме од смртта толку многу како денес. Се разбира, стравот од смртта отсекогаш бил присутен, како најголем проблем со кој се соочува човечката индивидуалност. Но, во традиционалните општества луѓето се справуваа со тоа колективно, го победија стравот од смртта со симболи, игри, ритуали, митологија. Тие веруваа во задгробниот живот, во континуитетот на постоењето, во идејата дека смртта не е крајот. Во современото општество нема повеќе имагинарно, ние сме општество на крајот, општество на разумот. Но, разумот е лошо оружје пред смртта. Затоа денес човекот е скаменет пред смртта, поразен и сам. Стравот од смртта е толку голем што го исклучуваме од нашите животи. Го ограничуваме во болници и домови за стари лица, на маргините на општеството, надевајќи се дека можеби смртта нема да дојде за нас. Ги губиме практиките околу смртта и умирањето, дури и тагувањето повеќе не е ритуал. Смртта е табу тема. Сведоци сме на смртта на смртта. Ми се допаѓа идејата на Луис-Винсент Томас дека денес Ерос го убил Танатос. Смртта порано беше јавна, додека љубовта беше интимна. Денес сексот го преплави светот, додека смртта се повлече во тишината на приватноста. Но, парадоксално – од друга страна, постои сè поголема тенденција за пасивно прифаќање на смртта како што споменавте. Преку филмот, преку сликите, смртта стана огромна работа. Придружувањето на таква смрт е можно само затоа што таквата смрт е апстрактна, анонимна, индиректна, неоптоварувачка.

Поотворен, можеби автобиографски стил на фикција стана популарен во последниве години. Дали треба да зборуваме за поврзаност помеѓу актуелната мода за автофикција и нашата сè подигитална економија? Дали мислите дека нашата хипер-засилена присутност на социјалните мрежи резултира во проза?

-Нема сомнение дека социјалните медиуми им овозможуваат на луѓето полесно да го споделат својот живот, мислења, мисли, емоции од кога било досега. Ова може да биде поттик што повеќе луѓе да се охрабруваат да напишат книга, исто така е многу поевтино да се објави книга во денешно време, но дефинитивно не значи дека социјалните медиуми влијаат на зголемувањето на добрата литература. Можеби има зголемување на бројот на издавачки книги, но не гледам дека тоа би било причина да има повеќе добри книги, напротив. Не верувам дека има некаква врска меѓу тие две.

Преведувач Дарко Спасов, Бисера Бендевска и Броња Жакељ на промоцијата во Скопје

Според истражување на Nielsen Book, само 19% од читателите на десетте најпродавани женски авторки (кои ги вклучуваат ЏејСн Остин и Маргарет Атвуд, како и Даниел Стил), се мажи, а 81% жени. Дали мислите дека е сè уште неопходно денес да се обидуваме да ги охрабруваме мажите да читаат жени, или гледате промени во читачките навики на мажите во последните години?

-Не знам многу за статистиката, но генерално изгледа дека има многу повеќе читатели меѓу жените отколку мажите. Можам тоа да го видам и во моето семејство. Додека ќерка ми веднаш го прочита мојот роман, од друга страна син ми прочита неколку страници, ми рече дека тоа е одлично, дури и совршено, но повеќе би сакал да го чека филмот снимен според него. Да бидам малку цинична – ова е машко општество. Мажите ги креираат правилата. Не можете да го принудите мажот да прави нешто што не сака.

Дали веќе работите на вашиот втор роман? Ако е така, може ли да ни кажете што можеме да очекуваме од вас во иднина?

-Размислувам за нов роман, да. Но, тоа нема да биде автобиографско дело оти тоа е напорно. Знаете – некои луѓе беа лути поради тоа што се најдоа во мојата книга, некои беа лути затоа што не се најдоа таму, некои рекоа дека тоа што го напишав е измислица. Се надевам – ако навистина напишам фикција еден ден, некои нема да тврдат дека тоа е вистината.

Насловна фотографија: Сашо Димоски

Сподели