Бремените жени и лицата над 60 години ослободени од работни активности во наредните три дена

Поради најавениот топлотен бран, односно портокалова фаза, што ќе ја зафати Македонија, Владата донесе мерки за заштита на населението. Во наредните три дена (до 14 август), од работни обврски се ослободени најранивите групи: бремените жени и лица на возраст над 60 години. Во истиот период, работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

– Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомни лица – посочуваат од Владата.

Сподели