Бравурозно! „12“ или кој сум јас да ти судам!

Уште еднаш ни се потврди колку некои актери ни недостигаат почесто да ги гледаме на сцена. Тони Михајловски едноставно владееше во секоја секунда од претставата. Беше радост да се гледа по малку мистериозниот Сенко Велинов со каква леснотија го долови својот лик (лесно колку лежерно соблекување чорапи на сцена). Ѓорѓи Јолевски доби неколку аплаузи на отворено…

Кога пред некој месец беше најавено дека режисерот Синиша Евтимов во нов проект ќе ги собере на едно место едни од најдобрите актери во македонскиот театар, веднаш се вклучи светлото на крајот на тунелот. Надежите почнаа да се подгреваат, очекувањата да растат, нетрпеливо да се очекува премиерата на „12“, работена според култниот филм „12 гневни мажи“ (12 Angry Men). На Македонскиот народен театар во последните години неколку години му се случуваа по некоја поголема претстава, меѓутоа, таков интерес не предизвикала ниедна друга.

И да, премиерата беше токму тоа – егзалтација на сите нивоа! Беше радост и гордост на сцена да се видат најдобрите, беше радост да се види колку луѓе сакаат да ја видат претставата, да бидат дел од настанот, театарот да биде тема за муабет. Четири биса, стоечки овации, воздишки, солзи, долги честитки – премиерата (а и претпремиерата на 19 ноември) беше тоа – денови за паметење за македонскиот театар. Претставата му е посветена на Мирко Попов, соработник на МНТ, еден од основачите на ПМГ Колектив, чија музика е употребена во претставата и близок пријател на режисерот Евтимов.

Дванаесетмина актери, секој своја посебна приказна и со посебна аура, секој по еден поротник кој треба да одлучи дали треба да се осуди млад човек за убиство. Претставата ни ги отвора очите за тоа колку лесно се судиме меѓусебно, колку лесно посочуваме со прст, без при тоа да го свртиме прстот кон себе. И колку предрасудите умеат да ни преовладаат пред разумот.

Функционална сценографија (Мартин Манев), голема маса подвижна околу која се движи целото дејство, еден единствен прозорец како спас за најжешкиот ден во годината, вода за пиење… Одличните костими на Александар Ношпал, поткрепени со периките што ги носеа дел од актерите – дадоа посебен шмек на претставата.

А актерите – маестрални! Уште еднаш ни се потврди колку некои актери ни недостигаат почесто да ги гледаме на сцена. Тони Михајловски едноставно владееше во секоја секунда од претставата. Беше радост да се гледа по малку мистериозниот Сенко Велинов со каква леснотија го долови својот лик (лесно колку лежерно соблекување чорапи на сцена). Ѓорѓи Јолевски доби неколку аплаузи на отворено. Јордан Симонов, би рекла, како и секогаш, одличен и важен за секоја претстава во која игра. Овде имаше клучна улога на единствениот поротник кој од самиот почеток на судењето размислуваше поразлично од останатите 11. Неговиот сталожен лик го задржуваше вниманието на публиката беспрекорно.

Никола Ристановски го видовме во едно поинакво издание, во лик чиновнички совршено создаден. Стамените Игор Џамбазов и Владо Јовановски ù дадоа посебна жар и тежина на претставата. Гораст Цветковски со одличен стајлинг и клучни фори за повеќе хумор во претставата. Сашко Коцев во улога на поротникот што доаѓа од светот на маркетингот – тотално совршен во ноншталантноста и незаинтересиран лик за тоа што е дојден. Благој Веселинов и Александар Микиќ, тивки но гласни ликови од соседството и Оливер Митковски, бунтовникот без причина кој освен што им вика на колегите поротници, нема ниту еден аргумент за вистината.

Македонскиот народен театар, најголемата театарска институција во земјава, деновиве ни приреди вистинска радост. Големи претстави му личат на најголемиот наш театар.

За културата треба да зборуваме, треба да дискутираме, дебатираме, па и да се караме. Само тогаш таа е жива, наша, автентична. Културата децении била на насловни страници, а и во дигиталното доба на видни места редовно ако се случил некој скандал, ако некој украл некоја пара, ако потрошил државни пари за лични потреби, ама ретко за убава работа. А работи се случуваат, уметниците творат, награди се добиваат…

Ваква награда, аплаузи долго по завршувањето на една претстава, се доволен повод за да си речеме: На здравје!

Фото: Кире Галевски

Сподели