Стоечки аплаузи, бурни овации, извици „браво“ и водишки им понуди на публиката големиот ансамбл и солисти на Националната опера и балет, синоќа на отворањето на 50. Мајски оперски вечери. Операта „Норма“ која за прв пат се поставува кај нас ја одушеви публиката и беше одличен избор за почетокот на еден голем јубилеј. Оваа бел канто опера во која и очите да ги затворите доволно е да ги слушате прекрасните гласови, одушеви со музичко-сценскиот израз, со грандиозната сценографија, но најмногу со вокалните вештини на нашите солисти. Гордост е кога се знае дека целата солистичка екипа е македонска (освен Иван Томашев од Србија, во улогата на Оровезо), а звучи светски.

Сопранот Благица Поп Томова ја стопи публиката со својот лирски глас и изведба. Заедно со Сандра Митровска како Адалџиза, Ѓорѓи Цуцковски како Полионе имаа незаборавни сцени.
Претставата ќе ја има својата втора изведба утревечер во 20 часот. Овојпат наместо Митровска ќе настапи Николина Јаневска, а наместо Марика Поповиќ – Соња Пендовска-Мадевска.
Голем аплауз доби и заслужи и диригентот Енрико Довико од Италија и целиот оркестар.

Пред премиерата на „Норма“, на платото на НОБ беше и свеченото отворање. Фестивалскиот оган го запали примадоната Милка Ефтимова, а гостите ги поздрави и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.