Бранко Росиќ, гостин на „Букстар“: Живееме во време на интензивна кретенизација

Имав „поплаки“ од некои читатели што ми пишаа дека не спиеле зашто не можеле да ја остават книгата, па ненаспани отишле на работа. Ама што претставува еден пропуштен работен ден во фирма, наспроти прочитани интересни книги – вели Бранко Росиќ, новинар и писател од Белград

Белградскиот писател и новинар Бранко Росиќ деновиве е гостин на фестивалот „Букстар“ во Скопје. Актуелен заменик-уредник во списанието „Неделник“, страстен љубител на музиката, но и во трилерот како жанр што го открил подоцна во својата кариера. Нашата публика од неодамна може да го чита и на македонски јазик, со романот „Доаѓањето на матадорот“ во издание на „Антолог“.

Неговата книга, но и интересното творечко патешествие на Росиќ ни беше доволен повод за разговор за време на 9. издание на фестивалот.

Колку е важно за вас како автор да посетувате фестивали надвор од својата земја? Дали се радувате на можноста да се запознаете со вашата публика во Скопје?

– Многу ми е важно и ми е задоволство да посетувам фестивали надвор од мојата земја. Фестивалите, а посебно „Букстар“, е можност за дружење на писателите од тоа што се нарекува ЈУ-простор или регион. Мене ланското гостување во Скопје ми донесе и можност да дојдам на овој фестивал, а уште најважно – го донесе македонското издание на мојот роман „Доаѓањето на матадорот“. Секое подмрднување и излегување надвор од своите граници носи само добро – од запознавања до можности за соработка. Од нова прилика за пробив на вашите книги до запознавање на издавачите и колегите писатели. Неизмерно сум среќен што ќе ја запознаам публиката во Скопје. Пред година дена имав книжевна вечер во кафулето „Буква“, во организација на „Спона“ и ја паметам таа вечер и деновите поминати во Скопје. Мојот роман „Доаѓањето на матадорот“ пред неколку дена се појави во Македонија на македонски јазик и веќе добив неколку мејлови од македонски читатели на кои им се допаднала мојата книга и кои сакаат да ме запознаат на фестивалот „Букстар“. Неизмерно сум среќен поради тоа.

Музиката, новинарството, книжевноста – ова се само некои од областите што вас ве интересираат и кои се преплетуваат во вашиот живот и творештво. Во која од овие области сте најмногу свој или успеавте да ги избалансирате и преплетите во сè што правите?

– Музиката беше на почетокот. Како тинејџер бев член на бендот „Урбана герила“, што беше дел од белградската сцена на новиот бран од Идоли, Електрични оргазам, Шарло акробата. Преку музиката стигнав и во книжевноста. Јас книгите не ги открив на школо, туку преку музиката. Во британското музичко списание New Musical Expess ја читав рубриката во која рок ѕвезди зборуваа за своите омилени книги и филмови. Така од идолопоклонство и oпседнатост со музиката стигнав до книгите што ме променија, ми дадоа јазик и прилика да го откријам талентот за пишување и ми покажаа дека сум подобар и поуспешен со машината за пишување, отколку со гитарата.

Така дојдов до тоа да живеам и професионално се занимавам со пишување. Искрено, и во биографиите на големите писатели како Иво Андриќ и Борислав Пекиќ стои дека имале други занимања, зашто од книженост на овие простори никогаш не можело да се живее. За мене пишува дека сум новинар и преку новинарството сум го запознал светот и динамиката што ми ја задоволува еден дел од личноста што сака акција. Од друга страна, тука е пишувањето книги во што уживам, од кои тргам од празни компјутерски страници до изданија какво што е македонското. Неизвесноста кога по прв пат курсорот ќе почне да пишува на таа бела компјутерска страница, па до финалето е напорен пат, ама задоволството е огромно.

Кај нас секојдневна е борбата за зачувување на читателите на литература, но и на пишаниот збор воопшто. Вие сте заменик уредник во „Неделник“. Каква е читачката култура во Србија, воопшто?

– Работам во списанието во кое можам да правам интервјуа баш со многу луѓе што отсекогаш сум посакувал, а да сум настрана од политичкото блато во кое се дави Балканот. Така, правев интервјуа со Јоко Оно, а со Мориси од бендот Смитс, но и речиси со сите важни јунаци на некогашната југословенска културна сцена, како и со важни луѓе од културата од пост ЈУ-просторите. Но, никогаш не сум бил Марија Антоанета и секогаш сум бил свесен за политичкиот и општествен момент и потенцирав прашања што би барале одговори на аномалиите на денешниот свет. Пред некој ден дознав дека водечкиот таблоид во Србија има три пати помал тираж што во некогашна Југославија имаше специјализирано рок списание. Тиражите на дневните медиуми драстично паѓаат. Некој ќе рече, во ред, го имаме интернетот, но на интернет се замките на тоа што се нарекува кликабилност – за една содржина да биде многу читана, тоа значи дека треба да имате папараци што слика голи бедра? На некоја фолк ѕвезда ќе и биде почитано, нормално, моето интервју со Јоко Оно.

Тоа пред 20 години беше незамисливо. Живееме во време на интензивна кретенизација на популацијата. Сепак, мислам дека има дел на луѓе на кои им е доста токсична содржината и кои се свртуваат кон квалитетен новинарски текст. Што се однесува до книгите, ако пројдете по центарот на Белград, ќе помислите дека никаде не се чита толку многу како во Србија. Во самиот центар на градот имаме повеќе од 10 големи книжарници. Сепак, статистиката вели дека опаѓа читањето на романите и дека расте бројот на читатели на литература за самопомош, а тоа се и најпродадените книги по статитсика. Сепак, падот на читањето книги е побавен во однос на тој на весниците. Па, и вештачката интелигенција може да напише вест или статија, ама не може да напише врвен роман.

Сте интервјуирале многу големи музичари и писатели. Кои посебно ве импресионирале? Има ли и такви што можеби негативно ве изненадиле?

– Не сум имал негативни искуства. Некои биле послаби во живо, а некои ги надминале очекувањата. Ме импресионираа интервјуа со некои светски рок музичари. Да речеме дека сум интервјуирал луѓе што ги имав на ѕидот на мојата тинејџерска соба. Како тинејџер, не ми паѓало на памет дека некогаш ќе го запознаам басистот на „Стренглерс“, чија слика ја имав на ѕид, а тогаш доживеав пред некоја година да ме води на ручек на кој направивме интервју. И Иан Андерсон од бендот „Џетро Тал“ од ѕидот на мојата соба стигна до мојот диктафон.

Зошто трилерот како жанр? 

– Дубравка Стојановиќ, една од најголемите историчарки на Србија за мојот роман рече дека е среќна што нема да биде историчар на ова време, но дека им завидува на историчарите што се занимаваат овие години зашто ќе имаат готов материјал – мојот роман. Зашто јас секогаш ги ставам и општествените прилики. Ама никогаш тоа да наштетува на романот, тоа ми е императив. Трилерот како жанр ме инспирира зашто така ми е набаждарен мозокот што напнатоста се убрзува и експлодира до крајот на книгите, не допуштајќи им на читателите да земат воздух. Имав „поплаки“ од некои читатели што ми пишаа дека не спиеле зашто не можеле да ја остават книгата, па ненаспани отишле на работа. Ама што претставува еден пропуштен работен ден во фирма, наспроти прочитани интересни книги. Некој ги видел моите романи и како серии и филмови. И на тоа сум горд.

Дали во моментов пишувате нов роман?

– Не почнувам додека немам временска рамка на целата книга. А сега полека ја создавам и сцените полека се вклопуваат, па наскоро ќе почнам да ја материјализирам. Значи, оној курсорот на празната бела страница само кратко ќе намигнува зашто го имам само почетокот на книгата.

Сподели