Ристовски инспириран од годинашното мото на СВП, „Допир на убавината“, со промотивното видео одбележа и 200 години од иновацијата на Брајовото писмо. Ова не е случајност. Тој е дипломиран дефектолог, а повеќе од 25 години се занимава со режија и видеопродукција и едукација на млади луѓе на ова поле. Бане е дел од тимот што го создава проектот „Умен поткаст“.
Дека тоа што ќе изберете да студирате во младоста не го бетонира патот и развојот на вашата кариера потврдува Бранко Ристовски-Бане, човек зад завесите, личност што не сака многу јавност, а прави еден куп работи што јавноста секојдневно ги гледа. Особено во месец август, веќе многу години по ред. Ристовски е автор на промотивното видео на Струшките вечери на поезијата чие 63. издание заврши сношти, со читањето „Мостови“. Секоја последна недела во август Струга четири дена дише само за поезијата. Ристовски инспириран од годинашното мото на СВП, „Допир на убавината“, со промотивното видео одбележува и 200 години од иновацијата на Брајовото писмо. Ова не е случајност. Тој е дипломиран дефектолог, а повеќе од 25 години се занимава со анимација и видеопродукција и едукација на млади луѓе на ова поле. Младите и успешни режисери Тамара Котевска и Трифун Ситниковски во неколку наврати имаат спомнато дека тој е еден од луѓето што им ја пикнале под кожа љубовта кон филмската уметност.
Бранко Ристовски-Бане е дел од тимот што го создава „Умен поткаст“.
Бранко Ристовски-Бане
Автор сте на годинашното промотивно видео на фестивалот Струшки вечери на поезијата, но и на видеата од претходните години. Како почна оваа соработка?
– Ќе кажев дека сме почнале со соработка пред 6-7 години и, искрено, морав да проверам, бидејќи првата соработка ни била за 52. издание на СВП, што би значело во 2013 година. Во овие 11 години јас бев ангажиран 8 пати за продукција на промотивното видео. Соработката дојде сосема спонтано. Јас сум роден во Струга и дел од креативниот тим на СВП се мои драги пријатели и соработници со кои сме соработувале и на други проекти. Во еден момент едноставно ни се вкрстија патиштата.
Видеата се генерално многу разновидни. Како одлучувате во кој правец ќе тргнете? Го чекате ли прво мотото на СВП, па се фаќате за работа или е независен процес?
– Многу често целиот процес почнува неколку месеци пред почеток на фестивалот. Се дефинира мотото и секогаш прво се работи на дизајн на постерот од кој потоа произлегува и финалната анимација. Последниве три години дизајнот е на Енкел Дика, кој креира многу инспиративни решенија кои секогаш се предизвик за анимирање. Секогаш почнуваме со првични насоки од креативниот тим (дизајнер, сценарист, режисер, сценограф). На овие насоки јас се надврзувам со мое видување и предлози, но на крај секогаш сакаме анимацијата што понаративно да го објасни концептот и самото мото на фестивалот. Секако, понекогаш е јасно, а понекогаш публиката го толкува сосема поразлично од нас, хахахаха.
Годинава се инспириравте од поезијата, но и од 200 години од иновацијата на Брајовото писмо. Видеото е музички дополнето со фрагмент од фантастичниот Концерт за гитара и оркестар „Аранхуез“ од шпанскиот композитор Хоакин Родриго. Колкава креативна слобода имате од раководството на СВП?
– Една од причините поради која толку долго трае соработката со СВП е тоа што отсекогаш постоела креативна слобода. Тоа не е процес каде што еден одлучува и нема флексибилност во работата. Да, имаме конструктивни дискусии и, понекогаш дури и контрадикторни мислења, но на крај секогаш се наоѓа најдоброто решение.
Во процесот секако размислуваме и на практичниот аспект на анимацијата. Последниве изданија на СВП, Огнен Танчески и Иван Белески од архитектонското студио ОТП кое е одговорно за сценографијата на фестивалот, како дел од сценографијата користи ЛЕД екрани и многу често самата анимација е во функција на сценографијата на „Меридијани“ и „Мостови“. Тие годинава направија една фантастична работа – по 30 годни го споија киното со летната сцена, нешто што функционирало одамна, на кое ни јас не се сеќавам.
По вокација сте дипломиран дефектолог. Неколку години сте работеле во оваа професија, а работите и како професор во приватни академии. Сублимирајте ни го патот до видеопродукција, како се движеше Вашата професионална кариера?
– Видео (филм) и фотографија отсекогаш беа нешто со кое се занимавав аматерски или полупрофесионално. Завршив дефектологија и работев како наставник во ПОУ „Златан Сремац“ неколку години. Тука, моја блиска колешка ме замоли да ù помогнам во продукција на кратко видео за нејзината невладина организација. Го завршивме видеото и јас продолжив да работам како монтажер и графички аниматор во неколку продукции.
Во 2011 година решив да основам сопствена продукција „Зоотроп студио“ и еве 12 години терам со истата. Ама наставникот во мене си стои и многу често држам работилници или предавања од областа на продукцијата или обуки за апликациите кои секојдневно ги користам во постпродукција. Тој дел од работата знае да ми донесе многу лично задоволство. Во една од последните реклами што ја продуцирав за македонската фирма за гејм дизајн М3ДС, она што посебно ме направи среќен е дека клиентот, режисерот и еден од актерите во рекламите се мои бивши студенти од некоја од филмските работилници што сум ги водел.
Колку тој вид образование, надополенети со личниот интерес за музика, филм и визуелни уметности Ви помагаат во секојдневната работа?
– Многу! Студиите ме „опремија“ со добро познавање психологија, почитување на различноста, толеранција и трпеливост. Тоа ми помага во секој аспект на секојдневна работа особено во однос на трпеливост, хахахаха.
Видеото за СВП во 2013 година
Во продукцијата на промотивни видеа и реклами, вие сте најчесто „невидливите луѓе“ – оние што треба да го смислат, реализираат процесот и да постигнат високи бројки. Како би ја опишале бизнис-атмосферата во оваа професија. Како се доаѓа до клиенти?
– Многу често се прашувам како успеав 12 години да опстанам како продукција, бидејќи бизнисот е нешто кое никогаш не сум го учел и тоа ми е најтешкиот дел од работата. Претпоставувам како и во сè друго човек мора да е упорен, да се надградува, да ги следи трендовите кои со развој на социјалните платформи се менуваат буквално од ден во ден.
На новите генерации млади луѓе креирањето на видеосодржини им доаѓа многу едноставно и лесно затоа што живеат со технологија која им овозможува да го промовираат секој момент од својот живот преку видео. Сето тоа влијае на бизнис атмосферата, на цените на продукцијата и наоѓањето нови клиенти. Јас имам клиенти со кои работам веќе 12 години и најмногу благодарение на тоа што тие се задоволни од продукцијата, стигаат и нови.
На што работите во моментот? Кои се Вашите преокупации?
– Завршувам со СВП 2024, па следуваат нови проекти. Оваа година за првпат се впуштивме и во, ајде да кажеме, нова област – продукција на поткасти. Поткастот е еден сосема интересен концепт и медиум кој дава можност за едно поинакво и нестандардно креативно изразување. Оттука, актуелен предизвик ми е втората сезона на „Умен поткаст“ за кој полека крчкаме теми и гости.