Бранка Холингсворт Нара, илустратор: Вештината за визуелно изразување на школските деца е поразително влошена

Во Хрватска има големо производство на сликовници и има многу квалитетни илустратори и разновидни издавачи. Многу се вложува во детската литература – вели Холингсворт-Нара, која е гостинка на фестивалот „Литера“ во Скопје

Ме радува можноста дел од мојата работа да ја покажам пред македонската публика. Секогаш е возбудливо да се види реакцијата на луѓето на тоа што го работам, вели Бранка Холингсворт Нара, илустраторка од Хрватска, која од вчера е гостинка на 5. Фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2023“. Преку видеа и прирачници, таа во последните неколку години инспирира многу млади илустратори во Хрватска да научат и да навлезат во тајните на оваа уметност.
Холингсворт Нара денеска во 17 часот ќе одржи мастерклас, а утре од 17 часот ќе следува нејзината работилница за илустрација.

Како започна вашата страст на тема сликовници?

– Мојата љубов кон сликовниците произлезе од љубовта кон книгите и анимираниот филм. Како мала сакав да бидам аниматор и да правам цртани филмови. Тогаш анимираните филмови беа ретки на ТВ-програма, не како денес, кога имаме неколку канали на кои непрестано се вртат анимирани содржини за деца и возрасни. Некое време додека се уште студирав, се обидов да работам анимација, но тоа траеше многу кратко – не ми се допаѓаше зашто тоа бараше трпение и многу време за да се произведе барем минута филм. Јас сум по природа нестрплива и исто така сакам да работам на проект што ќе биде релативно брзо готов, ама и таков врз кој ќе имам контрола, а при тоа мојата работа на самиот проект би била цртање. Тоа беше сликовницата! Значи, мојата љубов кон илустрирањето сликовници е поточно логичен резултат на моите желби и карактеристики.

Вие сакате да ги поттикнете и едуцирате младите луѓе што ги прават првите чекори во оваа уметност. Тоа е повеќе од потребно денес. Какви се реакциите на вашата публика? Дали вашите видеа и прирачници се покажаа како добро четиво?

– Често имам побарување за илустрирање нечиј текст од страна на луѓе што никогаш не работеле сликовници или пишувале за деца. Прво едноставено преведував блот за тоа како се работи сликовница од одличниот уредник и автор Џон Метју Фокс, кој има и онлајн-курсеви. Не дека измислив топла вода, туку домашната публика и луѓето што сакаат во сето тоа се впуштат, ги запознав со основите. Потоа сфатив дека уште ме бараат, па напишав еден мал пдф-прирачник, што е поприлично добро прифатен, но не е лесно да се добие конкретна статистика колку навистина сум им помогнала на луѓето. Потоа направив онлајн-натпревар што беше многу успешен, иако се собра мала група луѓе. Јас сум задоволна со нивниот ангажман и резултати. Една девојка ја објави својата сликовница и со неа настапи на фестивалот „Монте Либрич“ во Пула пред неколку дена, а доби уште неколку проекти. Не е тоа се моја заслуга, но сликовницата што ја направи во текот на програмата е објавена и нејзината самоувереност дефинитивно доби крилја.

Планирам да работам и во иднина на таа програма „Направи сликовница“, но пред тоа морам да ја уредам, со оглед на моето досегашно искуство.

Може слободно да се каже дека хрватската илустрација се издвојува од балканските како една од најдобрите. Дали се согласувате и какви се трендовите во последните неколку години?

– Во Хрватска има големо производство на сликовници и има многу квалитетни илустратори и разновидни издавачи. Многу се вложува во детската литература. Не е тоа резултат само на заинтересираните издавачи, но и поддршката што се дава по пат на натпревари секоја година. Мислам дека имаме одлични сликовници, но видов и сјајни словенечки илустратори, како и илустратори од Србија. А минатата година во Пазин, на фестивалот „Овца во кутија“, македонската изложба на илустрации покажа дека освен Ване Костуранов, има и други сјајни илустратори.

Дали ги тестирате вашите сликовници на детска публика пред да се печати некое дело? Важна ли ви е нивната реакција?

– За жал, ретко имам допир со децата, но повремено одам на работилници со нив, па ја слушам и нивната реакција. Тоа е секогаш драгоцено. Меѓутоа, не сум сигурна дали тоа би ми било корисно додека работам на самата книга. Тогаш сакам да го покажам мојот свет преку илустрација, а не да цртам што би им се допаѓало на други.

Читаат ли денес децата сликовници во Хрватска?

– Секогаш постои еден процент деца (и возрасни), што сакаат да читаат и да им се чита.

Сметате ли дека сликовницата треба да биде позастапена и на школо?

– Искрено, не знам колку се застапени во училиштата, па не го би го знаела одговорот на тоа прашање. Секако дека треба да има повеќе цртање на училиште, зашто сум забележала дека вештината на визуелното изразување е поразително полоша од онаа што децата ја имаат во пониските одделенија или во градинките.

Што Ве очекува после „Литера“?

– Во наредниот период ќе работам на два навидум спротивни проекти. Едната книга се занимава со традицијата, а другата со поттикнување на свеста за демократско општество и моќта на поединците во него. Значи, ја продолжувам работата на книгата/прирачник за христијанскиот празник Велигден низ годините што истовремено ја илустрирам, правам препринт и ја подготвувам за печат. Исто така почнувам и да работам на сликовницата која е прирачник со поими што ги приближуваат децата до активизам во општеството. Такво нешто уште нема во Хрватска и е поприлично „егзотично“, но постојат луѓе што се поврзани во здруженија и кои настојуваат да го подобрат квалитетот на живот на луѓето во Хрватска како модерна демократска држава. Авторите на двете книги прв пат ги прават овие дела и почувствував потенцијал и сакам да учествувам во нивната реализација.
Така сакам да ја подобрам понудата на мојата програма и да продолжам со уште една група. А исто така желба ми е да направам уште една моја сликовница.

Сподели