Зимското издание на Мрежата на фестивали од Јадранскиот регион, заеднички проект на водечките регионални филмски фестивали почнува вечерва со бесплатни проекции на регионални филмови во кината во Битола, Скопје, Сараево, Белград, Загреб и Љубљана. Во 3Д киното во Центарот за култура во Битола и во киносалата на Кинотека во Скопје во вечерва ќе биде прикажан филмот „Екскурзија“ на режисерката Уна Гуњак. По проекцијата во Кинотека следи разговор со кинематограферот на „Екскурзија“, Матијас Пилц.
Дејството на филмот ја следи Иман (Асја Зара Лагумџија) која, додека нејзиниот клас оd 9. одделение се подготвува за екскурзија, го привлекува вниманието на едно постаро момче. По играта „Вистина или предизвик“, низ училиштето се шири гласина дека Иман е бремена. Тоа ќе ја загрози и екскурзијата. Иман се наоѓа во бура од очекувања и ограничувања предизвикани од настани кои излегуваат од контрола.
По кинопроекциите, од 18 до 26 јануари сите филмови ќе бидат достапни онлајн на On demand-платформата на https://ondemand.kinomeetingpoint.ba.
Програмата ќе биде достапна за публиката во Македонија и регионот. Покрај филмот „Екскурзија“ на режисерката Уна Гуњак, дел од програмата се повеќекратно наградуваните регионални филмови „М“ на Вардан Тозија, „Набљудување“ на Јанез Бургер, „Работничката класа оди во пеколот“ на Младен Ѓорѓевиќ и „Само кога се смеам“ на Вања Јураниќ.
Ова е трето Зимско издание на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион, организирано со цел да ги промовира и направи повидливи квалитетните регионални филмски остварувања, а прво во кое е вклучен ИФФК „Браќа Манаки“ и прво кое се одржува и во Македонија и чии филмови на ондименд платформата се достапни и за македонската публика.
Мрежата на фестивали од јадранскиот регион е поддржана од потпрограмата МЕДИА на програмата Креативна Европа на ЕУ. Во неа членуват: ИФФК „Браќа Манаки“, Сараево филm фестивал, Фестивал на авторски филм Белград, Љубљански меѓународен филмски фестивал, Загреб филм фестивал и Филмски фестивал Херцег Нови.





