Денес не е доволно библиотеката само да нуди книги, туку треба да нуди и содржини што ќе ги донесат читателите и во библиотека и до книгата. Посебен предизвик е читателите да ги донесеме до современите македонски писатели и обратно. Кампањата „Читаме современи македонски автори“ е одговор на сето тоа – вели Снежана Стојчевска, директорка на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје
Македонската асоцијација на издавачи ја прогласи Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје за промотор на читањето, издвојувајќи ја кампањата „Читаме современи македонски автори“. Громогласен аплауз заслужи Снежана Стојчевска, директорката на библиотеката, на доделувањето на наградите во рамките на Саемот на книгата. И аплаузот е заслужен, затоа што доаѓа од професионалците од фелата, од луѓето што се трудат книгата да ја доближат до читателите. Стојчевска, заедно со нејзините колеги вклучени во кампањата веќе две години секој месец организираат промоции, средба со автори и читателски клуб.

– Многу ѝ се израдувавме и јас и колегите на наградата, зашто е токму тоа што го велите –признание од фелата. Тоа значи дека луѓето со кои ги делиме истите идеи, визија, предизвици и борби за подобро и поголемо место за книгата и културата во нашето општество, гледаат и ценат што правиме. Библиотеката, по дефиниција, треба и мора да биде промотор на читачката култура, но во современото живеење таа мора да има нови начини и нови патишта да стигне до читателите. Во денешно време не е доволно библиотеката само да нуди книги, туку треба да нуди и содржини што ќе ги донесат читателите и во библиотека и до книгата. Посебен предизвик е читателите да ги донесеме до современите македонски писатели и обратно. Кампањата „Читаме современи македонски автори“ е одговор на сето тоа – вели Стојчевска.
Во самата кампања се опфатени сите клонови на библиотеката на ниво на Град Скопје. Оваа кампања и за библиотекарите е од полза, зашто и тие се вклучуваат во самите настани и како модератори на Клубот на читатели, а и соговорници, вели Стојчевска.
Снежана Стојчевска
– Верувам дека им помогна пред сѐ да ги видат и запознаат авторите одблизу, затоа што Разговорот со авторот е токму тоа, средба и запознавање со неговото дело, начинот на пишување, останатото творештво. Голем дел од библиотекарите многу посветено и љубопитно ги следат овие настани и целата кампања. Знаеме дека сме успеале кога читателите не заминуваат од библиотека без книгата на месецот, кога бараат и друг наслов од авторот, доаѓаат на нашите настани. Посебно се израдувавме кога за неколку наслови имавме и листа на чекање. Тоа, како што велат поискусните библиотекари, не се имаше случено со години. Ова ме радува и како авторка, и како директорка на една голема институција, каква што е Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – вели Стојчевска.
Модератор на целата кампања е литературната критичарка Александра Јуруковска. Добрата иницијатива и визијата на Стојчевска, силната и голема институција како Градската библиотека со сите нејзини ресурси, како долгото и постојано следење на актуелната македонска книжевна продукција повеќе од 20 години, се совршена комбинација за успешна кампања за читањето.
– Дали сме помогнале на читателите во изборот на книга за читање – не знам, но знам дека нештата полека и бавно се менуваат. Борбата со предрасудите дека немаме добри автори и дела е тешка, но нема отстапување. Кампањата „Читаме современи македонски автори“, освен што е поддршка за авторите, значи поддршка и за македонскиот јазик и за македонската култура, воопшто. Тоа е голема одговорност за секој од нас, од библиотекар до читател – вели Јуруковска.

Засега се претставени 16 автори и дела и самите настани не се типични промоции, туку повеќе неформални средби со писателите.
– Без исклучок, секој од разговорите беше уживање за мене, а сакам да верувам и за авторите и за публиката. На моменти ми е многу жал што не ги снимивме и зачувавме, секој од нив беше мала тв/радиоемисија. Некаде имавме и музика и фотографија и видео. Тука зборуваме за занаетските прашања, за начинот на пишување и истражување за книгата, авторите многу често се отвораат и доста емотивно одговараат за целиот процес на создавање на делото, говорат за пишувачките навики, потреби, реакциите на првите читатели, на непознатите луѓе и сл. Дури и публиката се разликува од онаа на промоциите. Таму одат роднини, пријатели, познаници. За мене, најголем успех е кога на разговорите ќе видам луѓе што не ги познаваме ниту јас, ниту авторот, а веќе станале редовна публика и поддржувачи на кампањата. Се радувам што и многу од колегите – библиотекари доаѓаат на тие средби, па потоа кога разговараме велат дека разговорот придонесува во начинот на промоција и нудење на книгата на месецот на самите читатели – објаснува Јуруковска.
За да ја подобриме навиката за читање, не треба само библиотеките да бидат местото каде што ќе се случува, во тоа треба да се вклучат сите што имаат каква било врска со образование, млади – училиштата, медиумите…

Александра Јуруковска
– Само така ќе ги надминеме сите оние резултати на функционална неписменост, на ниско ниво на изразување, на логопедски и говорни проблеми кај најмладите, на образование без образование. Како тим сме особено благодарни за интересот и поддршката што медиумите и ја даваат на кампањата скоро две години, а особено на umno.mk кое посветено ги следи сите наши активности. Голема надеж ми даваат зборовите на Комисијата на МАИ која прогласувајќи ја ГБСК за Промотор на читачката култура подвлече: „Треба да се истакне дека на долг рок, „Читаме современи македонски автори“ од кампања може да се претвори во стратегија која ќе изврши уште поголемо влијание во унапредувањето на читачката култура во Македонија.“ Тоа беше и нашата првична замисла, а директорката на една средба на сите македонски библиотеки дури и упати отворена покана да се приклучат или да ја преземат благородната мисија на кампањата – вели Јуруковска.
Во мај ќе заврши вториот циклус на програмата, а веќе се во тек подготовките за новата сезона и промоција на нови осум автори и нивни наслови. Ќе се продолжи со истиот концепт, посочува Стојчевска.
– Наградата, сите реакции, интересот за македонскитe автори кај нашите читатели, а посебно полната сала на нашите настани ни велат дека сме на добар пат. Во мај го завршуваме вториот циклус и започнуваме со подготовки на третиот кој ќе трае од септември 2024 до мај 2025.





