Повеќето луѓе кога ќе слушнат рак веднаш креваат раце и мислат на најлошото, веќе те прежалуваат без да бидат свесни дека не е таа реакцијата што секој болен сака и треба да ја види – вели 30-годишната Симона Маџарова од Стојаково

Денот кога почна да ми опаѓа косата, со моите другарки отидовме да избереме перика, и тој момент го направивме забавен. Не ù придававме многу значење на косата, зашто коса е само коса, ќе порасне, тоа не е ни битно, колку што е важно да си здрав, да имаш волја и сила во срцето и да не се откажуваш никогаш – вели Симона Маџарова, 30-годишна девојка од гевгелиското село Стојаково. Во животот ни се случуваат многу работи што не прават силни, за жал, понекогаш и такви што ниту на друг не ги посакуваме, а камоли на себе.

Пред две години на Симона ù бил дијагностициран рак на дојка. Но, таа не дозволила таа вест да ја совлада. Храбра и сигурна во себе, Симона најмногу се грижела како да сподели со својата фамилија што ù се случува. Таа зборува отворено за болеста и ги охрабрува сите девојки да не се затвораат во маката и да ја споделуваат со другите. Октомври е месец на свесност за рак на дојка, а Умно.мк споделувајќи ја приказната на Симона, се приклучува на оваа кампања.

Си купив перика и марами пред да почне да ми опаѓа косата

Морав да бидам силна

Сè започнало кога ù се појавил оток на едната града. Побарала лекарска помош и поминала половина година дури да стигне до конечната дијагноза – рак на дојка.

– Со дијагнозата се соочив храбро, со олеснување, бидејќи конечно дознав што ми е. Во тој момент прво сè ми беше матно, но откако се освестив знаев дека нема ништо да биде како порано, дека мора да ја кренам главата и да смислам план. Морав да се држам силно заради моето семејство. Не сакав да ме гледаат слаба или како подлегнувам на болеста и сум се предала. Не постоеше такво нешто во мојата глава – вели Симона.

Целиот процес на лекување ù се случил минатата година и во ковид-услови, но вели дека имала добар третман и дека пандемијата не го успорила лекувањето. И била извршена операција на 26 мај, на денот на нејзиниот 29 роденден. Симона на шега си вели: „Сега имам една година“.

 Семејството ми е ветер в грб

Најголема и најважна е подршката од семејството, но, и најболен момент е како на нив да им се каже таа вест. Тоа ми беше можеби најтешкиот дел, како на моите да им соопштам дека имам рак, не настинка, не гребнатинка, туку рак, вели Маџарова.

Симона со сестра си Мелита

– Повеќето луѓе кога ќе слушнат рак веднаш креваат раце и поврзуваат со смрт, веќе те прежалуваат без да бидат свесни дека не е таа реакцијата што секој болен сака и треба да ја види. Во тој момент ни треба некој да верува во нас, да верува дека ќе се излечиме, дека силни ќе поминеме низ тој долг и тежок период. Не ни треба сожалување и солзи. Моите и сите што беа околу мене веруваа во мене, веруваа дека ќе се излечам и дека ова е само период што ќе помине. Мајка ми, татко ми и сестра ми се најсилните луѓе што ги знам и од кои учам цел живот. Токму заради нив од ден на ден бев сè посилна, на сите предизвици со храброст им пристапував и знаев дека ќе успеам, тие ми се ветар во грбот, секогаш туркајќи ме напред – вели Симона.

Дел од нејзиниот план како да си помогне бил веднаш да ја посети нејзината нутриционистка Валентина Глигорова.

– Во неа верувам целосно и знаев дека ќе бидам на вистинскиот пат со нејзините совети и програма за исхрана. Таа уште веднаш ми подготви програма што ја следев до детал, ништо не менував самата. Валентина ми беше и психолог и нутриционист, секоја програма до детаљ и со љубов беше подготвена за мене и нејзината верба даваше залет да одам само напред – признава Симона.

Се потстрижив кусо за да видам како ќе ми стои

Опаѓето на косата како резултат на хемотерапијата не е пријатен момент за многу пациенти и секој на различен начин се справува со тоа.

– Спремна бев за падот на косата, очекував и не давав многу значење на тој момент. Знаев дека ќе се случи кога тогаш, па уште пред да почнам со терапијата се потстрижив за да си знам како ќе ми стои кратка коса, си изнакупив марами и капи и си имав одбрано перика – се потсетува Симона.

Ракот на дојка на светско ниво е најчест вид рак, а исто и во Македонија. Околу 2,3 милиони нови случаи на рак на дојка биле дијагностицирани минатата година, што претставува 11,7% од сите случаи на рак, вели СЗО. Кај жените, ракот на дојка е најчесто дијагностициран карцином и водечка причина за смрт од рак ширум светот.

Таа нагласува дека особено е важно пациентките да добијат психолошка поддршка од своите семејства и од околината. И на Клиниката за онкологија постои оддел за психолошка поддршка.

Другарчето Бајронче не се одделуваше од мене во нитуе еден момент

– Не бев запознаена со психолошка поддршка за време на терапијата и операцијата, не ни знаев дека тој оддел постои на Клиниката за онкологија, веројатно затоа што не се сетив никогаш да прашам. Отпосле дознав дека има таков оддел и знам дека несебично помагаат на секој што ќе им тропне на врата. Мене психолошка подршка ми беа најмногу сестра ми, мама, тато, момчето, пријателите, фирмата за која работам и секако Баронче, другарчето што не се одделуваше од мене во ниту еден момент. Поддршка ми беа очите на моите дома полни со љубов и верба, излегувањата со пријателите, прошетките по ридовите и шумите во Стојаково со моето Баронче – вели Симона.

Таа вели дека запознала многу девојки, жени што се бореа или се бореле со оваа болест.

– Со нив стануваш пријател веднаш, за тоа што само тие разбираат низ што поминуваш и што ти треба, додека некои од пријателите кои ти биле скоро цел живот исчезнуваат во тој момент – вели таа.

Мора да сме поодговорни со нашето здравје

За овие проблеми треба и мора да се зборува гласно за да се подигне свеста за тоа колку е важно да се оди на контроли, да се внимава на здравјето, да се внимава на исхраната, да внимаваме со кого ја делиме нашата енергија и што повеќе да го намалиме стресот, смета таа.

– Тој иако е секојдневен, од нас зависи што ќе дозволиме да нè изнервира, а што да нè наполни со позитива, љубов, насмевки. Во наша моќ е што ќе дозволиме да нè исполни, затоа  одберете храброст, љубов, спокој. Одете на редовни контроли. И да не чувствувате ништо, сепак бидете редовни. Не можам да сфатам како и зошто не сме одговорни за нашето здравје. Се однесуваме како да ќе ни стигне известување на нашиот телефон од нашето тело ако нешто му се случува што не треба да се случува, како да не сме одговорни и да не можеме да одвоиме време и пари да одиме на рутински контроли и прегледи, а за излегувања и пари за скапи парчиња облека сите секогаш имаме. Оваа болест веќе не познава години, ги напаѓа сите, за жал. Затоа, доколку се сомневате дека нешто се случува во вашето тело одете веднаш на лекар, не само на еден, бидете упорни, барајте мислења, не гуглајте. За сè има решение – завршува Симона.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.