Бојана Алексова, најцитиран млад географ од Македонија: Клучни се упорноста и посветеноста да се стигне до престижните списанија

Научната работа бара многу трпение, време и знаење, но сите тие напори се наградуваат со значајни резултати. Мојата посветеност ми донесе позиција како млад истражувач во меѓународен Институт за природни катастрофи во Нови Сад, нови проекти и започнување докторски студии. Важно е да ги следат новите технологии, да се отворат кон мултидисциплинарен пристап и да останат љубопитни – вели Алексова.

Последниве месеци работам на истражување на хидролошкото наследство на Македонија, потоа изработка на прецизни модели за ризик од поројни поплави на национално ниво. Исто така, пред завршување се истражувањата и трудовите за корелација на геолошкиот состав и геодиверзитетот, потоа за напредните геопросторни моделирања на подрачјето на СП Маркови Кули, како и на промоција на геонаследството во НП Маврово и Шар Планина, вели Бојана Алексова која магистрирала Природно-математичкиот факултет, на Институтот за географија, а во моментов е на докторски студии во Нови Сад. Таа е најцитираниот млад географ од Македонија и веќе има објавено 10 научни труда во релевантни научни списанија.

Во нејзината пасија за теренска посета на интересни локалитети и навлегување во ГИС технологиите веќе од втора година студии, водена од својот голем интерес, почнала самостојно да си организира теренски посети на интересни локалитети и да навлегува во ГИС технологиите. Нејзиниот ментор проф. д-р Ивица Милевски ја препознал нејзината амбиција и ја вклучил во бројни истражувачки теренски активности, почеста работа на терен, комуникација со истражувачи од странство, учество на настани како конференции, симпозиуми, работилници и сл.

– Сето тоа ме мотивираше да го продлабочам моето знаење и интерес во полето на геонауките, од што произлезе и дипломската тема за современ геомониторинг на Споменикот на природата Куклица кај Кратово. Дипломската работа уште повеќе ми ја зголеми желбата за знаење и желбата да ја продолжам својата кариера преку магистерски и докторски студии, како и научни истражувања во оваа област. На магистерските студии, се потрудив предметите да ги положам преку самостојни истражувања. Менторот ми овозможи работа на повеќе стручни и апликативни проекти, кои уште повеќе ми помогнаа за мое усовршување и навлегување во науката. Тоа, заедно со воспоставената комуникација со одлични професори од странство, придонесе уште пред магистрирањето, по повеќемесечна напорна работа, да објавам труд како прв автор во престижното списание Atmosphere (ИФ 2,9). Трудот третираше тема за моделирање на водната ерозија и свлечиштата со користење на ГИС-базиран мулти-хазарден пристап на примерот на Кратовска Река.

Како геонауките станаа Ваша љубов? Дали уште од мала ги сакавте овие науки, географијата, посебно?

– Геонауките секогаш биле дел од мојата љубов кон природата. Од најмала возраст, природните појави и убавини ме воодушевуваа и ми привлекуваа особено внимание. Во основното училиште, географијата беше мојот омилен предмет. Бев полна со љубопитност во изучувањето на различни држави, континенти, планини и процеси што ја обликуваат Земјата. Пасијата кон географијата особено ми се зацврсти во средното училиште, кога мојата наставничка по географија стана моја голема инспирација. Низ нејзините предавања и живописни кажувања за астрономските појави, за ѕвездите, планетите, галаксиите, создавањето на вселената и небесните тела, за планетата Земја и нејзината природа, некако се пронајдов себе си и својот натамошен интерес. Со текот на времето, оваа љубов прерасна во вистинска пасија и професионален пат. Тоа ме поттикна да се запишам на студиите по географија.

Зошто баш геонепогодите Ви се видоа интересни?

– Мојата фасцинација со геонепогодите (поплави, свлечишта, ерозија, одрони, порои) започна за време на магистерските студии, кога почнав да ја разбирам нивната непредвидливост и разорност. Како што го сфаќав нивното значење во однос на глобалните климатски промени, влијанието врз животите на луѓето и врз економијата, решив да се посветам на нивното проучување. Мојот интерес е насочен кон анализирање на причините и факторите за нивната појава, веројатноста од појавување, потенцијалните ризици и влијанието врз природата и луѓето, со цел развивање стратегии за нивно ублажување и превенција. Покрај истражувањето, мојата главна мотивација е да пронајдам конкретни решенија за управување со ризиците што ги носат овие природни непогоди. Користам напредни методи на ГИС и далечинска детекција, кои во комбинација со теренско познавање ми овозможуваат подлабоко разбирање и анализа на овие феномени. Сето претходно е особено значајно со оглед на големата изложеност на нашата држава на геонепогоди, а тоа, во идниот период на климатски промени, уште повеќе ќе дојде до израз.

Веќе имате десет научни труда во светски списанија со импакт фактор, тоа е голем успех и Ве прави веројатно меѓу најмладите македонски научници со ваков успех. Според податоците, Вие сте најцитиран млад географ во Македонија? Каков е патот до тие списанија?

– Досега имам објавено 10 научни трудови, од кои 7 се во списанија со сосема солиден фактор на влијание (Atmosphere, Geoheritage, Geosicences, Open Geosciences, Applied Sciences). Воедно, уште три труда во ИФ списанија се во процес на објавување, па очекувам до крајот на годината да бидат публикувани.

Сепак, морам да кажам дека патот до престижни списанија е долг и исполнет со многу напорна (да не кажам деноноќна) работа, повеќекратни рецензии и забелешки од светски познати експерти во областа, како и мои корекции, пребарувања, проверки. Клучна беше мојата упорност и посветеност, но и соработката со реномирани професори и истражувачи од странство, кои ми помогнаа да ги подобрам истражувачките вештини и постапките за изработка на квалитетни трудови. Освен тоа, силната научна основа и соодветната методологија беа од суштинско значење за објавувањето во списанија со висок импакт фактор.

Кога станува збор за моите истражувачки почетоци, тие се поврзани со Кратовско, мојот роден крај. Со оглед на уникатниот релјеф, но и разните природни ризици, не е ни чудно што магистерската теза ја работев токму за овој простор. Истражувањата од магистерската, постепено ги надополнував објавувајќи повеќе трудови за геонаследство и геонепогодите на подрачјето на Кратовско. Следното истражување, а подоцна и објавен труд ми беа за геонепогодите во сливот на Каменичка Река (Македонска Каменица), особено високиот интензитет на ерозија, потенцијални свлечишта и порои. Последниве месеци работам на истражување на хидролошкото наследство на Македонија, потоа изработка на прецизни модели за ризик од поројни поплави на национално ниво. Исто така, пред завршување се истражувањата и трудовите за корелација на геолошкиот состав и геодиверзитетот, потоа за напредните геопросторни моделирања на подрачјето на СП Маркови Кули, како и на промоција на геонаследството во НП Маврово и Шар Планина. Дел од овие трудови се во процес на рецензирање, а дел во процес на пишување.

Покрај мојата голема посветеност, особено ми е драго што според релевантните бази на податоци и рангирања (ResearchGate, Google Scholar, SCOPUS) моментално сум најцитиран млад географ во Македонија. Во светот е многу поинаку невозможно е да си доцент, без барем неколку трудови во реномирани светски списанија, а за повисоки звања воопшто да не зборуваме. Во повеќето други држави, критериумите се дури и построги.

Во моментов сте на докторат во Србија, а сте научно ангажирана на меѓународни проекти во Србија, Албанија и Грција. Може ли да ни објасните на што сте повеќе фокусирана периодов?

– Моментално сум запишана на докторски студии во Србија, што претставува нов и значаен предизвик за мене. Мојот докторат планирам да го насочам кон истражување природни непогоди и важноста од нивна превенција. Досега имам учествувано во 13 научни проекти кои се фокусирани на анализа на климатски промени, евалуација на заштитени подрачја, оценка на ризик од природни непогоди, мониторинг на геолокалитети и сл. Моментално работам на два меѓународни проекта во Србија кои се насочени кон управување со природни катастрофи, очекувам наскоро отпочнување на проект со Грција, а работев и со Албанија за студија за ветропарк. Исто така, од неодамна сум назначена како секретар на меѓународното научно друштво за природни катастрофи во Белград, што ми причинува огромно задоволство и можност за соработка со врвни професори и експерти во оваа област (паралелно работам и како наставник по географија во меѓународното училиште „Маариф“ во Скопје).

Што би им препорачале на младите што сакаат да се занимаваат со наука? Што е најважно за да се успее во ова поле?

– На младите што сакаат да се занимаваат со наука им препорачувам да бидат упорни и посветени. Научната работа бара многу трпение, време и знаење, но сите тие напори се наградуваат со значајни резултати. Мојата посветеност ми донесе позиција како млад истражувач во меѓународен Институт за природни катастрофи во Белград, нови проекти и започнување на докторски студии. Важно е да ги следат новите технологии, да се отворат кон мултидисциплинарен пристап и да останат љубопитни. Соработката со други истражувачи од своето поле на интерес е од суштинско значење за ширење на знаењето. Најважно е да имате страст за она што го правите, бидејќи таа страст е движечката сила во секој истражувачки проект.

Сподели