Филмови во чест на Снежана Стамеска, Ален Делон, Кери Грант во октомври во Кинотека

Кинотеката на Македонија во текот на месецот ќе прикаже филмови со легендата на францускиот филм Ален Делон, кој неодамна почина, но и со Марчело Мастројани и Кери Грант. Ќе бидат одбележани и филмските достигнувања на неодамна почината Снежана Стамеска. Ќе биде прикажан „Жед“ (1971), филмското дело на Димитрие Османли, по сценарио на Живко Чинго, во кој една од главните улоги ги имаше токму Стамеска.

Публиката ќе може да го види легендарниот Кери Грант во филмот „Шарада“. Годинава се навршуваат 120 години од раѓањето на Грант. Филмот ќе се прикажува на 35мм, и од критиката е опишан како најдобриот филм за Хичкок што Хичкок никогаш не го снимил. „Шарада“ (1963) на американскиот режисер Стенли Донен е прекрасна мистерија која блеска со хумор, неизвесност и стил од последните денови на гламурот на стариот Холивуд. Снимен е на локација во Париз и содржи анимирани наслови од Морис Биндер. Саундтракот на Хенри Манчини ја содржи популарната песна „Charade“. Со иконите Одри Хепберн и Кери Грант во главните улоги, оваа приказна од Париз е духовита и стилска како и нејзините двајца главни актери.

Париз е неизбежен кога станува збор за Ален Делон. Од неговиот многуброен актерски опус, публиката ќе може да види неколку филмови во Кинотеката.

Годинава се навршуваат и 100 години од раѓањето на Марчело Мастројани. Во филмот „Посебен ден“ (1977), Мастројани за партнерка ја има светската дива Софија Лорен, која за филмот „Чочара“ (1960) го доби престижниот „Оскар“ за најдобра актерка.

Во решија на Френсис Форд Копола, ќе има проекции на неговото најново дело, футуристичкиот еп „Мегалополис“, кој на годинашниот филмски фестивал во Кан доби неколкуминутни овации.

Овој месец нема да изостане и циклусот на филмови на една кинематографија која заслужува да биде проследена и респектирана. Овој пат тоа е кинематографијата на Романија. Кино-љубителите ќе можат да проследат неколку филмови кои се во фокусот на интересот на светски реномираните фестивали.

Кинотека во октомври предвидува уште два циклуса – низата филмови од Ехо-фестивалот на планински филмови. Крајот на месец октомври е резервиран за неколку јубилејни проекции и одбележување на Светскиот ден на аудиовизуелно наследство. По тој повод ќе се потсетиме на неколку домашни документарни и долгометражно-играни остварувања кои оваа 2024 година бележат јубилеи од своите премиери.

Пред сè, тука е „Пред дождот“ (1994) на Милчо Манчевски, кој оваа есен полни 30 години, кога доби „Златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал. Пред половина век Столе Попов го сними „Оган“ (1974), а пред 45 и „Дае“ (1979) кој беше југословенски кандидат за „Оскар“ во категоријата на кратки документарни филмови. Кинотеката потсетува и на првенецот на Љубиша Георгиевски и Миомир Мики Стаменковиќ – „Под исто небо“ (1964) како и на „комитската“ драма „Нели ти реков“ (1984) на Стево Црвенковски.

Целата програма на линкот.

Сподели