Богата лотарија на 8. издание на „Вози право, вози здраво“. Пријавувањето е во тек

Најмасовниот ревијален настан на тркала „Вози право, вози здраво“ во организација на Стопанска банка ќе се одржи по осми пат на 2 јуни (недела) од 11 часот. Центарот на Скопје повторно ќе биде преплавен со најразлични видови превозни средства кои не ја загадуваат животната средина и нудат алтернативни опции за превоз низ градските улици, со што се поттикнуваат здрави животни навики и начин на ќе се живот. Стартот на трката е од „Порта Македонија“, а возењето завршува во Градскиот парк со голема забава на отворено.

Регистрацијата за ревијалниот настан „Вози право, вози здраво“ е почната. Сите што сакаат да бидат дел од настанот треба бесплатно да се регистрираат на линкот и ќе добијат стартен број со кој учествуваат во богатата лотарија.

Осмото издание на „Вози право, вози здраво“ се одржува во годината кога се одбележуваат 80 години од основањето на Банката. Во рамките на лотаријата ќе бидат доделени по осум награди од 10 категории: велосипеди за деца и за возрасни, заштитни кациги, тротинети, паметни часовници, ролерки, спортски ранци, хамоци, слушалки и термоси. Покрај лотаријата, за учесниците ќе има организирана забава со уникатните 5+ фамилија, DJ, забавни и спортски активности, освежување и подароци – пластични шишиња, торби за велосипеди и маички.

Регистрацијата за настанот е отворена до 1 јуни. Стартните броеви може да се подигнуваат од 27 мај до 1 јуни од 10 до 18 часот на улица „Македонија“ бр.16, до спомен куќата на Мајка Тереза. Секој регистриран учесник ќе добие маичка, купони за освежување по ревијалната трка и можност за учество во богатата лотарија.

Минатогодишното издание на „Вози право, вози здраво“ обедини околу 8.000 учесници од сите возрасни категории, при што сите од нив беа победници. Настанот е наменет за забава, дружење и промоција на здравите животни навики и затоа на трката не се мери времето и не се прогласуваат поединечни победници. Најважно е сите учесници да ја пренесат пораката за користење алтернативни начини на превоз со што ќе се намали сообраќајниот метеж низ градските улици и загадувањето на воздухот, а Банката како и претходните години продолжува да донира урбана опрема во поддршка на велосипедизмот за Градот Скопје.

Сподели