„Бог на колежот“ или кога ќе се симнат маските

Најсилни аплаузи заслужено доби Ѓорѓи Јолевски. Тој е актер којшто во секоја улога се внесува со сета своја жар и дарба и од кого многу помлади треба да учат, како се сака професијата и како се вложува во неа секој ден, при секој нов предизвик.

Најтешко е кога човек треба да се погледне в огледало, тоа се најтешките секунди, минути, часови во животот. Ама кога ќе завршите со таа работа и сте чисти пред себе, тогаш полесно ќе влезете во секаква интеракција и со вашите блиски. За тоа колку ни е тешко да сме искрени едни кон други, но и колку сме лицемерни дека ние сме најдобри, дека ние сме безгрешни, ами постојано друг е виновен за нешто, меѓу другото, зборува и текстот „Бог на колежот“ на француската писателка Јасмина Реза.

Многу теми се провејуваат низ текстот, кој инспирирал многу театарџии низ светот да го постават. Кај нас, актерката Весна Петрушевска се инспирира да го постави на сцената на Македонскиот народен театар, а премиерата завчеравечер на матичната сцена. Во својата магистерска работа на Факултетот за драмски уметности, Петрушевска ја израдува публиката со претстава што не треба да се пропушти. Прво, затоа што текстот е совршен. Второ, затоа што во претставата играат прекрасни актери, кои во час и нешто повеќе од половина го задржуваат вашето внимание. Трето, затоа што голема е веројатноста дека секој од нас како гледач ќе се пронајде во некој од ликовите, во некоја од ситуациите…

Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева и Симеон Мони Дамевски се одлична поделба на Петрушевска. Два пара – два различни, а всушност слични светови. Приказната за врсничкото насилство меѓу нивните деца е само појдовна точка и тригер на приказната. „Бог на колежот“ е најмалку претстава за врсничкото насилство, туку општото насилство што современиот човек си го прави себеси, но и на другиот.

Најсилни аплаузи заслужено доби Ѓорѓи Јолевски. Тој имаше одлична трансформација на ликот од инфериорен потрчко во животот на една навидум совршена жена до искрен до срж бездушен човек. Јолевски е актер којшто во секоја улога се внесува со сета своја жар и дарба, тоа е актер од кој многу помлади треба да учат, како се сака професијата и како се вложува во неа секој ден, при секој нов предизвик.

Наталија Теодосиева, софистицирана историчарка на уметност која сака се’ да биде под контрола, која малку треба за да го покаже вистинското лице. Од нејзината љубов кон Африка многу брзо се раѓа лавица која е спремна да направи плен од сите наоколу. Теодосиева е одлична во улогата, уште еден доказ дека на неа македонскиот театар треба да се потпре.

Симеон Мони Дамевски, алчен адвокат што го интересира за ќар, опседнат со своите мобилни телефони и вестите што ќе ги чуе од нив. Тој верува во Богот на колежот. Дамевски вешто се вклопи во оваа актерска екипа.

Неговата сопруга во претставата, во улогата на актерката Дарја Ризова, жена желна за внимание и за нежност од својот сопруг. Уште една бисер улога за Ризова, која веќе е стожер на репертоарот на МНТ.

Во претставата учествуваат и децата актери од Актерската школа на Весна Петрушевска. Тие го симболизираа врсничкото насилство меѓу младите денес.

Претставата визуелно е убаво спакувана, адекватни костими (Наталија Терзија) и функционална и впечатлива сценографија (Татјана Христоска). Сценските движења се на Кренаре Невзати-Кери.

Песна „Пепел и мрак“ на Игор Џамбазов одлично се вклопува во целиот концепт на претставата.

Ова е голем чекор за Петрушевска на полето на режисерските води. Верувам дека допрва од неа ќе гледаме важни текстови и добри претстави.

Сподели