Блиските контакти меѓу различните култури и религии ја намалуваат опасноста од конфликти

Втората Светска конференција за религиски дијалог и соработка што ќе се одржи од 19 до 22 јуни во хотелот „Сириус“ во Струмица

Како во практика функционира македонскиот концепт за религиски дијалог и соработка? Учесниците на Светската конференција тоа лани го видоа во Струга, како типична мултиетничка и мултирелигиска општина, особено од аспект на православното христијанство и ислам, вели проф. д-р Зоран Матевски, претседател на 2. Светска конференција за религиски дијалог и соработка што ќе се одржи од 19 до 22 јуни во хотелот „Сириус“ во Струмица. Конференцијата која почна како европски собир на научници кои зборуваат за важни теми полек прераснува во светски собир. Годинава активно ќе учествуваат околу 60 учесници од 22 држави од светот. Конференцијата ја организираат Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје, со поддршка од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, под покровителство на Министерството за култура.

На 2. Светска конференција за религиски дијалог и соработка ќе има пленарни говорници од цел свет. Кои би ги издвоиле како најпочитувани во областа во која работат?

– Вредно е да се одбележи дека за прв пат оваа година ќе имаме и учесници од Африка, покрај претставниците од Европа, Северна Америка, Азија и Австралија. Единствено ни недостасуваат учесници од Јужна Америка, но искрено се надевам дека на Третата светска конференција, ќе ги имаме и нив. Во секој случај се работи за најеминентни универзитетски професори и научни истражувачи од областите на социологија на религија, историја на религија, филозофија на религија, антропологија на религија и психологија на религија. Од нив ќе ги издвоиме Massimo Introvigne од Италија, Dyron Daughrity и Alexander Hwang од САД, Gerard Kester од Холандија, Patrick Pasture од Белгија, Mezei Balazs од Унгарија, Palesa Hloele од Јужна Африка, Emma Chen од Тајван, Gabriela Lazareanu од Романија, Stefan Mandić од Србија, Nadiia Volik од Украина итн. Вредно е да се напомене дека и на оваа Конференција ќе имаме учесници од Украина кои ќе се приклучат онлајн, и покрај воената состојба во таа земја.

„Религија и политика: Дали е секуларизмот мит или реалност?“ Зошто во 2024 година е важно да се зборува на оваа тема, во време на исклучителен развој на технологијата, но и време кога светот влегува во се’ повеќе војни?

– Иако верските институции немаат моќ да донесуваат законски обврзувачки декрети и одлуки, голем број на европски и северноатлантски политички актери ја декларираат својата поддршка за одбрана на христијанските вредности. Во исламскиот свет тоа е уште понедвосмислено. Факт е дека верските институции ширум светот имаат се поголемо влијание врз општествените текови, како и врз културните и вредносните детерминанти кон кои се ориентирани најголемиот број на држави во светот. Факт е дека за некои од овие земји оваа врска меѓу религијата и државата постои од нивното основање и дека степенот на учество на влијанието на верските заедници и религиозни групи врз државниот апарат и нејзините институции само се разликувал од еден до друг општествен контекст. Зголемувањето на интензитетот на заедничкото дејствување помеѓу политичката и религиската елита може да доведе до проблеми во општеството кои се јавуваат како резултат на политизираната религија; конфесионалниот хомогенизам и идеологизираната религија; религискиот фанатизам кој може да заврши со тероризам против верските неистомисленици. Во современите мултикултурни и мултиконфесионални општества, таквиот сојуз меѓу религијата и политиката може да доведе до зголемување на меѓуетничките и меѓурелигиските тензии и отворени можности за отворени судири и конфликти меѓу припадниците на различни етнички и религиозни групи.

Големи научни конференции од овој тип не се организираат често во Македонија. Кои се најголемите препреки со кои се соочувате втора година по ред?

– Всушност, Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет започна со оваа научна авантура уште во 2019 година со организирање на Првата европска конференција за религиски дијалог и соработка. Секој почеток беше тежок, но по извонредниот успех од научен и организациски аспект што го постигнавме на 2. Европска конференција која ја организиравме во 2022 година, решивме да го подигнеме нивото со организирање на Светска конференција. На тоа нè поттикна и фактот што почнаа да ни се јавуваат сè повеќе учесници од САД и Азија. По првата Светска конференција во 2023, еве оваа година ја организираме втората. Секако дека организирањето на вакви грандиозни настани бара и завидни финансиски средства.

Проф. д-р Зоран Матевски (лево) и проф. д-р Ратко Дуев

На наше големо задоволство, уште од првиот момент имавме недвосмислена подршка од деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев со кого заеднички го надградувавме овој научен проект. Сето ова го препозна и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, преку ректорите Никола Јанкуловски и Биљана Ангелова кои ни обезбедија финансиска подршка. И она што ни даде најголем ветер во грб е поддршката од државните институции. Огромно е задоволството што двете светска конференции ги организираме под покровителство на Министерството за култура на Република Северна Македонија. На претходните конференции имавме финансиска подршка и од Министерството за образование и наука. Тоа значи дека доколку имате јасна и козистентна идеја и доколку истата биде препознаена од академската и политичката елита во државата, тогаш немате проблем да организирате вакви грандиозни настани.

Од друга страна, зошто е важно да се организираат токму во вакви средини, крстопати на цивилизациите, со тоа и на религиите?

– Двете Светски конференции за религиски дијалог и соработка се прогласени како едни од најзначајните научни настани во светски рамки. Со тоа ние не само што го афирмираме Филозофскиот факултет и УКИМ, туку максимално ја афирмираме и државата во целост. Особено ако се земе предвид дека Македонија е една од ретките држави во Европа и светот која во целост го имплементира концептот на интеркултурализам како државна стратегија, за разлика на европскиот концепт за мултикултурализам кој се покажа како статичен и неуспешен.

Учесниците на Светската конференција можат да видат како во практика функционира македонскиот концепт за религиски дијалог и соработка. Тоа лани го видоа во Струга, како типична мултиетничка и мултирелигиска општина, особено од аспект на православното христијанство и ислам. Оваа година Конференцијата ја организираме во Струмица каде што има совршена мултирелигиска коегзистенција на православни, католички и протестантски верски заедници и религиозни групи.

Религиите се фокус на Вашиот научен интерес. Дали на крајот на првата четвртина од 21 век секуларизмот е мит или реалност?

– Современите трендови на глобализација се предуслов за ситуација во која е зголемена интеракцијата меѓу различните верски и етнички групи. За разлика од порано кога народите, културите, државите и цивилизациите беа повеќе или помалку изолирани едни од други, денес тие неминовно влијаат едни на други. Таквата интензивна интеракција може да доведе до два спротивни ефекта. Од една страна, поголема е опасноста од судири меѓу различните етнички и верски групи, а тоа е предуслов за недоразбирање и непријателство. Од друга страна, блиските контакти меѓу различните култури и религии може да доведат до намалување на разликите меѓу нив и со тоа да ја намалат опасноста од конфликти. Јас сум од оние социолози на религија кои сметаат дека секуларизацијата е мит, а не стварност. Карактеристика на новиот глобален десничарски популизам е обидот да се манипулира со религиските морални норми и вредности како стока во неолиберализмот. Стратегијата на искористување на солидарноста и конзервативните вредности често ги карактеризираат верските заедници до степен на етнорелигискиот национализам. Овој модел е очигледен од ангажманот на евангелистите во САД, до омаловажувањето на религиозните „други“ од популистите, од Полска и Унгарија до Турција и Индија.

И додека лидерите на популистичките движења несомнено дејствуваат водени од опортунизмот исто колку и од идеолошкото убедување, нивното поттикнување на етно-религиозните страсти кулминира со исклучувачко законодавство и погроми против верските, етничките и родовите малцинства во светот. Заради тоа плуралистичката демократија најчесто можете да ја најдете на глобалниот север и запад, додека неолибералните и авторитарните режими најчесто се наоѓаат на глобалниот југ и исток. Затоа со право се поставува прашањето: дали политичките партии, како показатели на процесот на (де)секуларизација, се во зависна врска со општествената положба на верските институции во светот?

Сподели