Благородната порака на муралот во Охрид

Инклузивност, прифаќање на различностите и емпатија со оние кои живеат со најразлични предизвици се пораките што ги испраќа монументалниот мурал со љубопитно девојче, насликан на училиштето „Григор Прличев“ во центарот на Охрид. На површина од 21 квадратен метар, муралот ја претставува инклузијата низ духот на детската игра и отвореноста за различностите. Муралот е симболичен подарок за крајот на учебната година од „Халкбанк“ АД Скопје, а автор на делото е уметникот Трајче Павлов, кој се инспирирал од Охридското езеро и од водата како елемент.

Маја Наумовска-Савеска од „Халкбанк“ вели дека муралите полека стануваат нивен препознатлив знак. Тие избираат уметници со специфичен уметнички израз и активистички пристап.
– Овој пат им се обраќаме на најмалите, со цртеж за инклузијата. За нас таа не е поим, туку вистинска состојба на која секојдневно работиме и како банка, но и како поединци. Во нашите општествено-одговорни проекти инклузијата е застапена на многу рамништа, за да ја подигнеме свеста за различните, за оние што живеат со најразлични предизвици. Негувањето на вистинската свест за тоа дека секој човек е важен започнува од најмала возраст – вели Наумовска-Савеска.

Трајче Павлов

Павлов преку едно девојче и вода ја претставува инклузијата. Муралот го работел една недела. Според него, сите ја доживуваме водата како нешто привлечно, но и непознато. Едно девојче сака да истражи и открие дали е ладна, длабока, убава и слично.
– Така гледам и на инклузијата и на емпатијата со различните од нас, со луѓето кои секојдневно живеат со предизвици поради нивните посебни потреби. Не секој има сила и желба да влезе во водата. Секако дека ако влезеш ќе се наводениш, но ќе ги видиш нештата и од другата страна. Секој различно гледа на различностите – вели Павлов.

Водејќи се од слоганот „Важни се луѓето“, Халкбанк го облагородува просторот за живеење, работење, спортување или учење преку силни и моќни пораки. Компанијата својата општествена одговорност ја насочува кон клучни општествени предизвици: екологија, развој на креативност, инклузија и спортот. Муралот за инклузивноста во Охрид е дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој е финансиран од Европската Унија и со кој раководи Фондацијата „Чекор по чекор“.

Сподели