„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на јубилејното 30. издание на Седона интернешнал филм фестивал, кој ќе се одржи од 24 февруари до 3 март во Аризона. Мисијата на организаторите е поддршка на независните филмски дела од целиот свет, потребата да се разбере човековата природа и препознавањето на вистинските вредности преку филмот.
Филмот на Цветановски исто така ќе биде еден од осумте филма во официјалната селекција на Фарго филм фестивал, кој ќе се одржи од 19 до 23 март. Публиката ќе може да го проследи во историската кино сала „Фарго“ во Северна Дакота. Фестивалот постои 24 години, а неговата програма низ годините е збогатена со присуството на бројни еминентни имиња од светот на филмот.
Во писмото за официјалната селекција, од фестивалот истакнаа: „Добивме многу квалитетни апликации оваа година, но жирито сметаше дека вашиот филм е навистина впечатлив и суштински ја доловува кризната и трагична состојба во светот. Навистина сме возбудени што ќе го споделиме овој филм со нашата публика.“
Филмот лани успешно се претстави на Орландо филм фестивал во САД, каде имаше номинации во пет категории. Потоа го затвори 34. издание на филмскиот фестивал „Синеворлд филм фестивал“ на Флорида.
„Бизнисот на задоволството“ досега беше селектиран на дваесеттина фестивали, а се закити со пет награди.





