Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, во рамките на проектот „Храбри нови зборови, прекрасни нови светови“ ја објави книгата „Бизарни раскази“ од полската нобеловка Олга Токарчук. Станува збор за збирка од десет раскази чиј заеднички именител е фасцинацијата од чудовишното. Токарчук ни поставува дилеми што нè исфрлаат од комфорната зона, потсетувајќи нè дека светот сè повеќе ни се измолкнува и дека сè помалку имаме контрола врз она што го правиме, вели издавачот.

Преводот од полски го направи Лидија Танушевска, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Бизарен е светот во кој живееме, ставен во непрестајно движење и постојано менување. Такви се и овие фасцинантни раскази – огромно патување, книга што преку чудовишното ги поткопува сите очекувања. Ова не се само приказни за клонирање, осаменост и неможност да се сфатиме себеси и својата положба во утврдените општествени улоги, туку секој расказ е визија што ја поттикнува потребата да му дадеме смисла на светот.

Олга Токарчук (1962) е полска писателка и добитничка на „Нобеловата награда за литература“. Студирала психологија. Обожавател е на Јунг, филозофијата и на мистичните науки. Како авторка на десетина романи се издигна во една од најзначајните писателки. Токарчук е своевиден феномен на популарноста и добриот вкус, на знаењето и пишувачката вештина, на филозофската длабочина и мајсторското раскажување. Како активен општествен критичар, потписник е на многу протесни декларации против ограничувањата на човековите права.

Лидија Танушевска, редовен професор на Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Работела како лектор по македонски јазик на Шљонскиот универзитет во Катовице и на Јагјелоњскиот универзитет во Краков, а исто така и како лектор и раководител на преведувачката работилница (полски-македонски-полски) при Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Се занимава со книжевен превод од полски на македонски јазик и е двократен добитник на наградата „Златно перо“, за превод на романот „Правек и другите времиња“ од Олга Токарчук од Здружението на преведувачите на Македонија за 2008 г. и за збирките раскази „Продавниците со боја на цимет/ Санаториумот во знакот на клепсидрата“ од Бруно Шулц за 2012 г. Во 2015 г. ја доби наградата „Ришард Капушќињски за превод на нов јазик“ во Полска, за превод на делото „Империјата“ од Ришард Капушќињски.

„Храбри нови зборови, прекрасни нови светови“ е проект на издавачката куќа „Антолог“, во рамките на кој пред македонската читателска публика ќе бидат претставени 10 прозни дела од врвни европски автори, преведени на македонски јазик од докажани преведувачи со кои оваа издавачка куќа има долгогодишна соработка.

Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на Министерството за култура.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.