Tанцови работилници со предавачи од Франција, Србија и од Грција ќе се одржат денес и утре на 7. Издание на фестивалот „Битрикс танцова лига“, што ќе се одржува во Младинскиот културен центар во Скопје. Вечерва во 20.30 часот ќе биде промовирана платформа за афирмирање на млади кореографи (Young Choreographers Contest) и All Styles Battle (Битка во импровизација).
Фестивалот веќе седум години се стреми да ја доближи до јавноста уличната култура, со посебен фокус на танцовата уметност, притоа остварувајќи богата програма за млади и етаблирани изведувачи.
Досега „Битрикс танцова лига” била домаќин на гости од: САД, Англија, Холандија, Италија, Швајцарија, Грција, Естонија, Украина, Србија, Словенија, Бугарија, итн.
В недела ќе ја имплементира и новата платформа која ќе служи за афирмација на уметници во подем – „Современо-урбани кореографски минијатури“ каде свои минијатури ќе одиграат предавачите од Србија – Никола Планка, Грција – Марија Јуме и од Македонија, а публиката ќе има можност да го проследи и видеоперформансот на танчарот Орелиен Колеве од Франција.
Културниот центар „Битрикс“ е двигател на уличната танцова сцена кај нас и се залага за развој на истата и за креирање на контекст за афирмација и едукација на млади танчари.
Изминатата година центарот ја реализираше програмата ВАДА – Виртуелна Американска Танцова Академија, во соработка со Амбасадата на САД во земјата, а во рамките на која учествуваа 60 танчари од цела земја. Програмата во првата фаза обезбеди квалитетна едукација од областа на уличните танци со реномирани предавачи од САД, но и едукативна програма за културен менаџмент. Во втората фаза пак, дел од учесниците учествуваа во подготовка на танцов перформанс со предавачот Ентони Армстронг Слимбуги.

Нивниот перформанс за првпат ќе биде одигран во рамките на фестивалот „Битрикс Танцова Лига“ и тоа в недела во рамките на платформата „Современо-урбани кореографски минијатури“.

Фестивалот се реализира со поддршка на Град Скопје, Младински културен центар и „Ред Бул Македонија“.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.