Битолската „На дното“, „Домот на куклата“ на Турскиот театар и независната „Поол“ на МТФ „Војдан Чернодрински“

Народниот театар од Битола ќе учествува на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ вечерва во 19.30 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Претставата е во режија на Ќендрим Ријани и е дел од официјалната програма на фестивалот. Улогите ги толкуваат: Соња Ошавкова, Валентина Грамосли, Елена Моше, Илина Чоревска, Викторија Степановска – Јанкуловска, Маја Андоновска – Илијевски, Марија Стефановска, Сандра Грибовска Илиевска, Анастазиа Христовска, Иван Јерчиќ, Петар Спировски, Мартин Мирчевски, Александар Димитровски, Никола Пројчевски, Александар Стефановски и Никола Стефанов.

Во 22 часот на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ ќе биде изведена „Домот на куклата“ во продукција на Турскиот театар од Скопје. Улогите ги толкуваат: Сузан Акбелге, Селпин Керим, Фунда Ибрахим и Емине Халил.

Во рамките на придружната програма на полноќ во кафе-бар „Тротоар“ ќе биде изведена „Поол“ во режија на Шенај Мандак. И денес продолжуваат придружните програми – во 11 часот во фоајето на Центарот за култура ќе се одржи промоција на наградените драми од „Еуродрам“. Точно на пладне почнуваат разговорите на тркалезната маса, овојпат за претставата „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски, на Струмичкиот театар. Оваа програма на фестивалот предизвикува големо внимание кај публиката која е желна да разговара за претставите.

Сподели