Со претставата „Мурлин Мурло“, Албанскиот театар од Скопје ќе гостува на фестивалот „Војдан Чернодрински“, вечерва во 18 часот на сцената на театарот. Претставата е во режија на Кристина Димитрова, а улогите ги толкуваат: Сабина Мемиши, Елдин Широки, Гентиана Рамадани и Дритеро Аме.

Нардниот театар од Битола ќе се претстави на 55. издание на „Војдан Чернодрински“ со претставата „И коњите ги убиваат, зар не?“ од Хорас Мекој, а во режија на Мартин Кочовски. Претставата ќе биде изведена во 21 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Асистент на режија е Јован Ристовски, сценографија и дизајн на плакат – Филип Јовановски, а костимографијата – на Јулиана Вокова-Најман. Музиката е на „Фолтин“.

Улогите ги толкуваат: Илина Чоревска, Никола Стефанов, Валентина Грамосли, Николче Пројчевски, Анастазиа Христовска, Викторија  Степановска-Јанкуловска, Филип Мирчевски, Марија Стефанова, Здравко Стојмиров и други.

Оваа претстава за мене е исклучително важна зашто во голем дел е автобиографска, рече режисерот Кочовски, по повод претставата.

– Она што е интересно е врската меѓу драмскиот текст и мојот личен живот. Оваа претстава се направи во Битола и е сработена со луѓе кои јас ги познавам од детството. Зборуваме за работи кои се вистински, кои ни се случиле, сте ги набљудувале или сте ги доживеале. Гледајќи ја претставата имате чувство на блискост, толку локално, а истовремено светско“, вели Кочовски.

На пладне во Центарот за култура ќе се одржи трибина на тема „Театарот во ковид-19 – проблеми и решенија“. Модератор ќе биде Катерина Коцевска.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.