Со свечена академија што се одржа во Центарот за култура, гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола одбележа 80 години настава на современ македонски јазик.

На настанот, на кој присуствуваа голем број гости, плакети за особен придонес во развојот на современиот македонски јазик им беа доделени на претседателката на Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова, градоначалникот Тони Коњановски, научната советничка во институтот за македонски јазик, проф. Др Веселинка Лаброска, на академик и претседател на МАНУ, проф. др Живко Попов и академик проф. Др. Владо Камбовски.

Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ Битола е една од најстарите, најреномираните и најквалитетни средни училишта во Македонија. Долги години образова и воспитува генерации на ученици, кои се подготвени да се справат со предизвиците на новото време, секогаш настојувајќи кај нив да развијат вредности, кои ќе им овозможат да изградат успешна иднина.
Денешната гимназија „Јосип Броз Тито“, започнала да работи во 1892 година и тоа како нижа гимназија. Зградата во која се отвора гимназијата му припаѓала на богатиот битолски бег Сали паша. Во гимназијата се образувале ученици од целиот Битолски вилает, па оние кои не биле од градот, претстојувале во интернат кој бил во склоп на самото училиште.

Турскиот наставен јазик во гимназијата опстанал околу дваесет години, а со Балканските војни и промената на власта во Битола, се променил и јазикот на кој се предава во училиштето. Во 1914 година, оваа гимназија ја посетил и српскиот престолонаследник Александар Караѓорѓевиќ, па подоцна се споменува и променет назив на училиштето „Српска кралска гимназија“. Во целиот меѓувоен период гимназијата работи на српски наставен јазик и таа, заедно со гимназијата во Скопје, биле единствените гимназии од општообразовен тип на територијата на Вардарска Македонија.
Во годините на Првата светска војна, од постојаните бомбардирања на градот Битола од бугарските и германските позиции на Пелистер, била оштетена и зградата на Гимназијата, но во периодот од 1918 до 1921 година таа е обновена и завршен е и третиот кат, со што се добиваат просторни услови за работа на осумгодишната гимназија, која многу брзо се стекнала со углед во Кралството Југославија.
Во текот на Втората светска војна, таа останува значајно училиште и во рамките на Царството Бугарија, во кое се школувале и голем број на млади револуционери и подоцна и борци во Народно-ослободителната војна. Меѓу поранешните ученици на гимназијата кои биле прогласени за народни херои за ослободувањето на Југославија биле: Стив Наумов, Мирче Ацев, Кузман Јосифовски –Питу, Страшо Пинџур, Елпида Караманди и Борка Талевски.





