Секогаш ми биле и сè уште ми се предизвик нови дела. Дела кои не сум ги изведувала или праизведби на сосема нови дела – вели диригентката на Националната и балет, која вечерва одбележува 20 години кариера
Да застане на пултот и пред музичарите од оркестарот на Националната опера балет, и да ја диригира „Боеми“ била една од нејзините неостварени желби. За Бисера Чадловска вечерва во 20 часот таа желба ќе се оствари. Со оваа изведба првата жена диригент во Македонија ќе прослави свој јубилеј – 20 години кариера. Какви беа првите години на докажување и кои се соништата што би сакала допрва да ги оствари, разговараме со Чадловска.

Какви беа првите 20 години на сцена?
– Првите 20 години од мојот професионален пат беа навистина возбудливи. Полни со ентузијазам, многу работа, многу партитури, концерти, претстави… Нашата работа е секогаш интересна, може да биде секаква, само не здодевна.
Се вели дури е човек млад, изодува најтрнлив пат. Што Ви е предизвик денес по 20 години, на професионален план?
– Секогаш ми биле и сè уште ми се предизвик нови дела. Дела кои не сум ги изведувала или праизведби на сосема нови дела. Предизвик е и да се формира нов симфониски оркестар, но тоа е нешто што бара повеќе време да се обмисли и да се дојде до крајниот производ.

Вие сте првата жена диригент во Македонија. Имавте ли можеби предизвици да се соочувате со тој факт, да имате недоверба можеби кај соработниците?
– Секако дека имав, но тоа е така со секој млад човек кој е на почетокот на кариерата. Нормално е дека на млади и неискусни луѓе не им се доделуваат веднаш најодговорните задачи. Се подразбира дека прво треба да се докажат, за да можат да го понесат понатамошниот товар и одговорност. А диригирањето е многу тешка професија која со себе ја носи најголемата одговорност кога станува збор за изведба на симфониски, оперски или балетски дела. Кога е некој добар во тоа што го работи и е доволно упорен, не е важно дали е маж или жена. Успехот е неминовен кога ќе се надмине недовербата.
Зошто диригентството е доминантно машка професија и во цел свет? Што е тоа што ги одвлекува жените да се заинтересираат повеќе?
– Диригирањето не е машка професија. Тоа што во минатото диригенти биле само мажите, веројатно е одлика на времето во кое се живеело. Се живееше во време кога владееа предрасуди на повеќе полиња, па така и во музиката. Се сменија времињата и сега жените имаат слобода да ги искажат нивните интереси и да ги покажат нивните способности, како во музиката, така и во сите други области. Можеби тие интереси кај нив постоеле и претходно, но не смееле да излезат на површина. Сепак сега живееме во 21 век, слободата на изразување е обележје на времето во кое живееме.

„Боеми“ одамна Ви била желба одамна. Што ја прави оваа опера посебен предизвик?
– „Боеми“ е оперска партитура која е навистина комплексна за диригентот и за сите изведувачи на сцена. Јас сакам предизвици, а „Боеми“ е претстава која не успеав до сега да ја издиригирам, па ја искористив оваа шанса токму сега да си го поставам тој предизвик пред мене.
Што Ве очекува во наредниот период?
– Веќе во март ме очекува премиера на балетот „Заспаната убавица“ од Чајковски. Потоа уште неколку концерти, оперски и балетски претстави од тековниот репертоар, можеби и настап на „Мајските оперски вечери“. По завршувањето на оперската сезона, интензивно ќе работам на подготовките на фестивалот „Охридско лето“, каде веќе втора година сум музички селектор.





