Биолозите реагираат: Гимназијалците ќе стекнат образование со низок квалитет

Со ваква поставеност на изборност и понудени изборни предмети отсуствува основната цел содржана во наративниот дел од документот – ученикот да има можност да се профилира во одредено подрачје и да се подготви соодветно за поедноставно вклучување во академското образование, велат од Македонското биолошко друштво

Гимназијалците ќе стекнат општо образование, но со низок квалитет, велат биолозите во својата реакција на предлог-концепцијата за гимназиско образование која во моментот е отворена за јавна дебата и забелешки. Документот кој првпат беше објавен пред една година деновиве е на увид на јавноста сосе корекциите на првичниот документ од пред една година. Иако поминува малку во сенка на реакциите и широките дебати поврзани со предлог-законите за високо образование и за научноистражувачка дејност кои се исто така во фаза на јавна дебата, на предлог-концепцијата реагираат пред сè универзитетските професори кои во своите клупи ги дочекуваат бруцошите кои доаѓаат првенствено од гимназиите во земјава. Дополнително, сите се дел од стручните научни друштва во кои членуваат и наставници од основно и средно образование и кои ги организираат натпреварите за основци и средношколци на општинско, регионално и државно ниво.

Од Македонското биолошко друштво верувале дека Министерството за образование и наука ќе подготви нова предлог-концепција за гимназиско образование, подобра од претходната, откако лани ги доставиле забелешките и сугестиите за првиот предлог-документ.

– Ова верување го базиравме на најавувањето дека во предлог-концепцијата ќе бидат вградени дел од забелешките, сугестиите и предлозите со дополнителни консултации со стручни лица од областа на образованието. За жал, од анализата на новиот предлог може да се констатира дека нема суштинска промена. Малите, но значајни интервенции се сведени исклучиво на промени во наставниот план, направени се произволно и селективно, без никакво образложение и оправданост. Се намалува или зголемува број на часови, се преместува предмет од една во друга година или од една во друга изборна категорија и тоа уочливо и потенцирано во прилог на предмети од општествените и хуманистичките науки – вели проф. д-р Сузана Диневска-Ќовкаровска, претседателка на Македонското биолошко друштво (МБД) и редовен професор на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Според нивната анализа, како и во претходната, така и во актуелната предлог-концепција, работната комисија останува на ставот наставниот план за првите две години од гимназиското образование да биде ист за сите ученици, додека последните две години учениците имаат можност на слободна изборност.

– Со ваква поставеност на изборност и понудени изборни предмети отсуствува основната цел содржана во наративниот дел од документот – ученикот да има можност да се профилира во одредено подрачје и да се подготви соодветно за поедноставно вклучување во академското образование – вели Диневска-Ќовкаровска.

Од МБД даваат забелешки и ставови за предлог-концепцијата:

– Во завршните две години од гимназиското образование се предлага изборност во две категории. Првата категорија „изборни предмети што се учат 2 години“ опфаќа шест предмети (три предмети припаѓаат на природните науки и три на општествените науки) и со оваа поделба се обезбедува делумна можност за профилирање на ученикот. Во оваа категорија, иако е предвидено продлабочено изучување од конкретната област, од претходно предвидени 4 часа, фондот на часови е намален на 2. Сметаме дека бројот на часови по овие предметите од областа на природни науки треба да се зголеми од 2 на 3 часа.

– Во втората категорија насловена како „изборни предмети што се учат 1 година“ од осумте понудени предмети, ниеден предмет не е од областа на природните науки (физика, хемија, биологија). Со ваква понудена изборност во предложениот наставен план се ускратува можноста на онаа категорија ученици кои ќе се профилираат и стекнат со напредни знаења од областите на природните науки. Сметаме дека од вкупно четири изборни предмети (по два предмети во трета и четврта година), најмалку два предмета треба да бидат од областа на природните науки.

– Од 14 понудени предмети (6+8 во двете категории) само три предмети се од областа на природните науки (физика, хемија и биологија). Ако се анализира застапеноста на предметите од оваа област во однос на неделен фонд на часови (30) во целото гимназиско образование (4 години), процентот на застапеност на физика, хемија и биологија (вклучувајќи ја изборноста) е 20 отсто и се однесува на учениците кои ќе ги изберат предметите од природните науки. За учениците кои ќе ја продолжат својата едукација во општествените и хуманистичките области, природните науки се застапени со 10 отсто. Со предложениот наставен план, ученикот се стекнува со општо образование, но со низок квалитет, а професионално е несоодветно и недоволно подготвен за вклучување во универзитетското образование.

Според Диневска-Ќовкаровска, членовите на Работната група вклучени во изработката на предлог-концепцијата го пренебрегнале фактот дека е потребен балансиран сооднос на застапеност на предмети од различните области.

– Како резултат на вакви образовни концепти и политики (намалување на часови и застапеност на предмети во наставните планови) имаме екстремно ниски резултати на тестирањето на ПИСА каде се оценува континуирано стекнато знаење кај нашите ученици од областа на природните науки, математиката и мајчиниот јазик. Без оглед на определбата на ученикот, природните науки се основа на целиот материјален свет. Затоа, нивното познавање е клучно за формирање на секоја сестрано образована личност – вели таа.

Биолозите велат дека новата предлог-концепција (како и претходната) ги заобиколува предвидувањата и анализите како ќе се реализира наставниот план, во зависност од бројот на постојниот наставен кадар на одделните наставни предмети и особено за наставници кои наскоро заминуваат во пензија.

– Со воведувањето изборност во двете завршни години, намалувањето на фондот на часови ќе биде проследен со намалена потребата од наставен кадар особено наставниците по физика, хемија и биологија. Неизвесноста и несигурноста на работните места може да биде демотивирачко за наставниците кои континуирано вложуваат во својот професионален развој. Дополнително, ваквиот третман на образовниот кадар во гимназиите дополнително ќе ја намали и онака ниската заинтересираност кај идните генерации за уписи на наставничките студиски програми – децидна е Диневска-Ќовкаровска.

МБД дава неколку насоки за кои смета дека неопходно треба да бидат вградени во новата Концепција за гимназиско образование:

– Да се предвидат пакети (или модули) во три главни области – природно-математичка, општествено-хуманистичка, јазично-уметничка област и согласно областите да има поделба и насочување во двете категории на изборни предмети за да се диференцира изборот на ученикот во зависност од неговата определба за идно академско образование;

– Да се ревидира бројот на часови за изборните предмети од првата категорија (од два на три часа) што ќе овозможи повисоко ниво на едукација;

– Да се дополни листата на изборни предмети во втората категорија за да се избалансира застапеноста на предметите од различните области во четиригодишното гимназиско образование.

Поред МБД, оваа корекција нема да го наруши концептот на изборност, туку ќе обезбеди рамнотежа и приближно еднаква застапеност на различните научни области.

Фото: Македонско биолошко друштво

Сподели