Биљана Драгиќевиќ-Пројковска со „Кармен“ учествува на фестивал на камерни театри во Молдавија

Со монодрамата „Кармен“ што ја изведува актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Драмскиот театар од Скопје вечерва ќе учествува на 13. Меѓународен фестивал на камерни театри и малите театарски форми“ во Кишњев, Молдавија. Фестивалот до 29 јуни се одржува на сцената на Државниот младински театар во Кишњев со учество на театри од 13 земји, меѓу кои: Германија, Канада, САД, Јужна Кореа, Израел, Македонија, Романија, Турција, Косово, Киргистан, Азербејџан, Казахстан и домаќинот Молдавија.

Претставата досега е изведена на десетина меѓународни фестивали, и тоа во Грузија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија и Албанија, како и на неколку гостувања кај нас.

Монодрамата „Кармен“ е создадена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес, а својата премиера ја имаше во мај 2021 година. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на
Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски. Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен има добиено неколку меѓународни награди и признанија.

Сподели