Биљана Драгиќевиќ-Пројковска ќе ја изведе „Кармен“ на РУТА во Бриони

Со монодрамата „Кармен“ во режија на Дејан Пројковски, Драмскиот театар од Скопје вечерва ќе учествува на фестивалот РУТА, кој овојпат се одржува во Бриони. Домаќин на летното издание на РУТА е театарот „Улисис“.
Фестивалската програма на Бриони е во рамките на театарско-музички проект на тимот на познатиот актер Раде Шербеџија, уметничката директорка Ленка Удовички и директорот Душко Љуштина. На фестивалот настапуваат познати театарски куќи и музичари од десетина земји. Учеството на Биљана Драгичевиќ Пројковска со монодрамата „Кармен“ е трет меѓународен настап на Драмски театар со оваа претстава, по гостувањата на фестивалот РУТА во Сараево и Македонското културно лето во Албанија.

Монодрамата „Кармен“ создадена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од Мигел Делибес, својата премиера ја имаше во мај 2021 година. Сценографијата е на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски.

За улогата на Кармен, Драгиќевиќ-Пројковска, покрај наградите на минатогодишниот фестивал на монодрама во Битола доби награди и на годинашново издание на Македонско културно лето во Албанија и Интернационалниот фестивал „Актерот на Европа 2022“ во Ресен.

Есенското издание на фестивалот РУТА ќе се одржи во Скопје во организација на Драмски театар од 14 до 20 октомври. Македонската публика ќе има можност во ревијалната фестивалска недела да проследи шест претстави од водечките театри на регионот, членки на регионалната унија на театри – РУТА.

Сподели