Во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово вечерва во 19 часот ќе биде отворена биеналната изложба на цртежи „Скици 2022“. Ќе бидат изложени дела од академски ликовни уметници: Зоран Јакимовски, Мухамедали Алили-Дали, Стефан Јакимовски, Ханифе Ислами, Дејан Арсовски-Бабата, Зоран Арсовски-Бабата, Милена Арсовска, Симона Јакимовска, Александар Стефановски, Ана Јовановска, Валентина Илијевска, Стефан Анчевски, Марија Величковска и од Симона Димковиќ.
Осмото издание на „Скици 2022“ е континуиран напор за реализација на идејата – цртежот како ликовна дисциплина и понатаму да биде актуелизиран и промовиран пред пошироката публика и ликовната критика.
– Можноста за вклучување на повеќе категории на ликовни уметници (сликари, графичари, скулптори) како и слободата во изборот на техниката и темата понуди разновидни инвентивни цртачки решенија базирани пред сè на индивидуални афинитети и изразни можности. Цртежите се дадени како почетна идеја за реализација на подоцнежни визуелни решенија но дел од нив се конципирани како комплетни автономни завршени ликовни дела способни независно да егзистираат во просторот. Личниот творечки печат на 14-те автори од повеќе генерации како и специфичниот третман на цртежот се главната карактеристика на оваа цртачка збирка на триесетина цртежи во разни формати. Но, она што ги поврзува е афинитетот кон креативното изразување, слободата којашто ја дава цртежот како и специфичната ликовна естетика креирана инстантно и непосредно – вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста.
Изложбата во Куманово ќе биде отворена до 21 декември.