Биди успешен фриленсер – нова дружба во „Стартап клуб Скопје“

Во „Стартап клуб Скопје“ (кај „Среќа бар“) задутре (28.02) во 18 часот ќе се одржи настанот „Од почетник до успешен фриленсер“ наменет за сите што сакаат да бидат фриленсери. Тие ќе ги чујат искуствата на СКАЛА – Школа за дизајн, кои обезбедија двајца одлични говорници: Горан Стојановски, самиот успешен фриленсер и ментор на курсот „Be free. Be a freelancer“ и Александра Азманова, успешена фриленсерка кој работи како имејл дизајнер во сферата на онлајн трговијата и алумни студент на Академијата за UX/UI дизајн во Скала.

Желбата за кариера која не е локациски (а понекогаш и временски) ограничена, станува доминантна кај помладата популација која сè повеќе се решава на чекор да „заплива“ во фриленсерските води. Успешното „пливање“ е секогаш условено од стекнато знаење преку дообразба и следење на достапните искуства. Голем придонес во овој напор даваат од Импакт Фондација, кои остануваат доследни на мисијата активно да ја поддржуваат и развиваат фриленсерската заедница во земјава.

– Ќе имате можност да слушнете како успешни фриленсери пливаат во водите на фриленсингот и да дознаете како да го претворите вашиот талент и знаење во успешна кариера без локациски и временски ограничувања – посочува Огнен Јанкуловски, координатор на проектот од Импакт Фондација.

Настанот е од отворен карактер и бесплатен за присуство. Единствено, заради логистички причини, потребно е претходно да се регистрирате на ЛИНКОТ.

Настанот се реализира во рамки на проектот „Проширување на можностите за претприемништво на младите и економско зајакнување на жените“, поддржан од Амбасадата на САД. Целта на овој проект е да се подобри пристапот на младите до можности за обука и вработување преку промоција на фриленсингот како кариера. Овој проект започна лани во октомври и ќе се спроведува до април годинава.

Проектот е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

Сподели