Ја почнав оваа серија цртежи некаде пред две години, наоѓајќи многу силни емоции на нивните лица, онака предадени од својот живот и оставени на тоа што ќе им понуди утрешниот ден – вели уметникот од Богданци, кој до пред две години беше наставник во две училишта

На обичен бел лист од А4 формат и молив тој создава уметнички дела што не можат да ве остават рамнодушни. Да се долови карактер, но и тага во очите, им прилега на мајсторите. Дејан Мачуков од Богданци, неколку години живее во градот Дадли, близу Биргмингем, Англија. Таму е член на Друштвото на уметници на Дадли, на чии групни изложби учествувал неколку пати. Бездомниците од овој крај во последните две години му се инспирација за да ги создава своите дела – портрети.

Дејан Мачуков

Со него поразговарвме за оваа инспирација, но и како е да се живее и твори во поголема земја, во која уметноста е многу поценета отколку кај нас.

– Животот на бездомниците е на улицата и овде ги има насекаде. Ја почнав оваа серија цртежи некаде пред две години, наоѓајќи многу силни емоции на нивните лица, онака предадени од својот живот и оставени на тоа што ќе им понуди утрешниот ден. Цртежите се изработени во експресивен стил и преовладува линијата како градежен материјал, исполнета со енергија и длабочина – вели Мачуков.

Тој за себе вели дека добар цртеж може да создаде токму тогаш кога му е најздодевно.

– Сè се случува спонтано и брзо и линиите знаат да го пронајдат мојот замислен посакуван редослед и да се создаде цртеж со длабочина и силна експресивна енергија – вели тој.

До пред да замине во Англија, Мачуков бил наставник по ликовна уметност во основното и средното училиште во родниот град. Дипломирал во 2017 година и веднаш после тоа две учебни години работел со деца.

– Во 2019-та кога решив да се преселам во Англија. Овој период можам да го опишам како најактивен период во мојот живот во однос на придонесување и за запознавање на помладите генерации со уметноста. Гледајќи ги моите тогашни ученици се пронаоѓав себеси во моите први почетни денови и баш ми беше мило што можев максимално да им го пренесам сето мое знаење, укажувајќи колку уметноста е значајна како една креативна целина. Работењето со деца беше преубаво искуство за мене и секогаш ќе се сеќавам на тие прекрасни денови. Би сакал да им порачам на младите генерации што ја сакаат уметноста и сакаат да бидат дел од неа, да не се откажуваат и да го изодат патот којшто знаеме колку е мачен во нашата држава, но на крај љубовта кон уметноста и среќните лица на наблудувачите можат да сменат сè – вели Дејан.

Уметноста го фасцинирала уште од мал. Прво бил под влијание на тогашните популарни цртани филмови и почнал да ги црта токму нивните ликови.

– Уметноста беше присутна целиот мој живот како хоби, а подоцна ми стана и професија. Цртежите секогаш беа нешто што најмногу уживав да го правам како мал, уживав во магијата која моливот и листот можеа да ја создадат. Растејќи почнав поинаку да гледам на сето тоа, сè до моментот кога се запишав на Ликовната академија во Скопје, каде што потоа уметноста стана моја професија, а јас професионалец – вели Мачуков.

Малата средина не била доволна за да се реализира во својата професија.

– Заминав, пред сè зашто како и секој млад човек барав повеќе можности во својата професија која нашата држава тешко може да ги обезбеди. Уметноста овде е на многу повисоко ниво и гледана со други очи. Луѓето овде знаат да ја препознаат уметноста и да одвојат добра сума доколку нешто им се допадне. Вљубениците во уметноста знаат да посетуваат галерии и многу поголеми уметнички настани, но повеќе е развиен онлајн -системот на разгледување и продавање на уметност – објаснува младиот уметник.

Минатата година, негово дело беше избрано да биде дел од дигитална изложба во Њујорк под мотото #CreateBecauseWeCare.

На прашањето дали можеби се подготвува за своја самостојна изложба, Мачуков вели дека би сакал, но не во блиска иднина.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.