Хрватската држава ја купува својата култура. Кога не би ја купувала, култура во Хрватска не би ни постоела. Така е и со уметничката литература – вели авторот Зоран Понграшиќ, кој е директор на фестивалот за сликовници „Овца во кутија“ во Пазин

Зоран Понграшиќ е еден од најчитаните хрватски автори за деца. Сликовници, романи, лектирни изданија се негови дела, а издавањето книги е негова пасија со години. Ја раководи издавачката куќа „Knjiga u centru“ (Книга во центарот) во Загреб, која функционира како задруга што обединува писатели, илустратори, дизајнери, преведувачи.

Фестивалот за детски сликовници „Овца во кутија“ во градот Пазин, на Истра годинава го имаше шестото издание, а на него учествуваа и претставници на Фестивалот за детска литература и илустрација „Литера“ од Скопје. Понграшиќ е директор на фестивалот, кој на едно место ги обединува креативците и децата и работи за популаризација на сликовницата и творештвото. Негови книги се преведени и на македонски јазик – „Девојчето што ги прескокна небесата“ во издание на „Блесок“, во превод на Калина Буневска Исаковска, а во 2017 година и гостувал, како дел од проектот „Книга во чевли“, што беше презентиран во Скопје. Понграшиќ вели дека соработки има, но секогаш може да е подобро меѓу авторите и издавачите од двете земји.

Деновиве Понграшиќ го привршува својот роман за деца и млади „Виновни се Сека и Сека“. Со Понграшиќ разговараме за состојбите со издаваштвото во Хрватска, за читателските навики на младите.

Средба со средношколци во Пазин

Фестивалот „Овца во кутија“ е веќе обележје на градот Пазин на Истра во кој се слави детската литература, пред сè, сликовниците. Може ли да ù доближиме на македонската публика како се роди овој фестивал?

– Во 2004 година, писателката Ана Ѓокиќ, во тоа време и една од основачите на уметничката организација „Авторска куќа“, прво здружение на писатели за деца и млади во Хрватска, дојде до идејата да ја основа наградата за најдобра хрватска сликовница (сликовницата дотогаш во Хрватска беше занемарена и неценета како книжевност, а особено како уметнички вид). Јас го измислив (украдов!) името на наградата „Овца во кутија“. Наградата, еве се одржа до денес и ќе се додели по 17. пат и благодарение на неа, продукцијата на хрватски сликовници и во споредба со продукцијата пред наградите, е многу подобра. Во последните две-три години сликовници почнаа да пишуваат и најпознатите хрватски писатели кои вообичаено не пишуваат за деца.

Фестивалот настана од наградата. Повторно тоа беше идеја на Ана Ѓокиќ, жена која е преполна со идеи од која произлегоа книжевните манифестации: Книга во чевли (турнеја на писатели), Книга на кауч (романи психоанализа), Африканска бајка, фестивал за книжевност за деца и млади „Пази, книга!“, „Ме сака/Не ме сака“, „Лицето на книгата“ (награда за најубав изглед на книга). Првиот фестивал Ана го организира во соработка со градската библиотека во Осијек, 2014 година. Осијек од тогаш организира свој фестивал на Анин начин, но без Ана.

Во 2015 година Ана ù предложи на Ива Цицеран, директорка на библиотеката во Пазин да се организира фестивал и тргна работата. Истата година се одржа првиот фестивал „Овца во кутија“.

Обично велиме дека сè се случува во поголемите градови, а манифестациите во помалите всушност секогаш имаат многу повеќе душа. Како Вас Ве прими публиката во Пазин?

– Во големите градови има многу книжевни настани (по неколку во ист момент), а малите градови такви настани имаат неколку пати во цела година, Пазин таков фестивал има само еднаш годишно. Слично е со сладоледот. Ако јадете секој ден по 10 топки, нема да биде толку интересно кога би јаделе еднаш неделно, по 2 топки на приме

Имате ли добра поддршка од институциите, посебно во овие години тешки за економијата од секој аспект?

– Наградата „Овца во кутија“ првите 11 години немаше динар од никого. Се снаоѓавме некако. Авторите добиваа награда дрвена фигура со овца во кутија и толку. И беа пресреќни. Во последните три години Министерството за култура ја финансира наградата со 15.000 куни (околу 2000 евра), кои служат како парична награда за победниците, а Град Загреб во последните 3 години дава по 10.000 куни. Значи, „Книга во центарот“ требаше да доделува една и единствена важна награда за сликовница, цели 13-14 години пред некој воопшто да одлучи финансиски да ја помогне.

Градот Пазин помага и би било тешко да имаме гости без нивна помош. Од Министерството за култура прв пат добивме пари во 2020 година, околу 20.000 куни. Ако се знае дека само за изложбата на Добросав Боб Живковиќ потрошивме 6.000 куни. Мислам дека и кризата не влијаеше многу на (не)финансирањето на фестивалот.

Понгрешиќ гостуваше во Македонија во 2017 година

Како живее издаваштвото во овие години кај вас?

– Хрватската држава ја купува својата култура. Кога не би ја купувала, култура во Хрватска не би ни постоела. Така е и со уметничката литература. Издавачите аплицираат на конкурс на Министерството, кое дава поддршка за издавање книги. И само со парите од Министерство можете да бидете издавач, инаку не можете да опстанете да произведувате книги. Друга важна работа на темата е откуп на книги за народните библиотеки. Издавачот повторно аплицира во Министерството, кое нешто откупува, нешто не. Ако откупи, издавачот тогаш има пари да направи уште некои книги или со тие пари да се оди на крстосување по Бахамите („Книга во центарот“ не го прави тоа!)

Лани и оваа година добивме поткрепа за издавање книга со што можевме да вработиме човек во постојан работен однос на минимална плата. Јас, како главен шериф, живеам од авторски хонорари.

„Книга во центарот“ годинава доби 200.000 куни за најмалку 12 наслови. Ние ќе направиме 15 книги. Продажбата на книгите во книжарниците не постои. Еден лик кој наводно многу размислува за книгите, библиотекарството работи т.н топ-листа на најпродаваните наслови во книжарниците и вели „Џиганин сум, ама најубав“ е најпродаваната книга на месецот. Па баш ме интересира во колку примероци се продаде. Според моето искуство, ние продаваме по пет примерока месечно од пет книжарници. Толку од продавањето книги. Да го немаше откупот, издавачите би продавале трошки.

Каква е читателската навика кај вас?

– Се купуваат лектирните изданија. Но, најмногу ги купуваат библиотеките и училишните книжарници. Мојот роман „Мама е виновна за сè“ беше своевремено (пред 20 години) голех хит. Издавач беше „Знање“. Кога стана лектира во 2006 година се продаде во 3.500 примероци, а претходно едвај по некој примерок. Не следам колку децата читаат. Лектирите ги читаат затоа што мораат. Мислам дека секогаш се наоѓа некое дете што баш сака да чита. Таков сум бил и јас самиот.

Понграшиќ во друштво на авторот Зоран Жмириќ на настан во рамките на „Овца во кутија“

Вашата издавачка куќа објави едиција сликовници за возрасни „Врата во подрум“, која е одлична. Како на овој предизвик изреагираа самите автори, а и публиката?

– Самата идеја беше повторно на Ана Ѓокиќ. На почеток, авторите се чудат кога им зборувам како уредник, но подоцна кога ќе го видат готовиот производ се радосни. На пример, Миљено Јерговиќ беше одушевен. Тие сликовници (не) се продаваат како и останатите. Ме чуди односот на Министерството кон оваа едиција „Врата во подрум“. Имено, таа едиција е всушност една алка која недостига и може да помогне како да ги привлечеме возрасните што не читаат? Така што ќе им понудиме сликовница, нешто со што нема да се мачат повеќе од 5 до 10 минути. Па, можеби и ќе им се допадне, па ќе посакаат да прочитаат и некоја поголема книга. Министерството воопшто не ја поддржа оваа едиција, а од библиотеките ја откупија само во три примерока.

А има прекрасни и паметни библиотекари, кои овие сликовници ги ставаат веднаш покрај пултот, можеби виделе во Пазин, зашто Ива е една од тие паметни, и тогаш родители кои инаку не читаат, ама не знаат што да прави со себе додека неговото дете избира книга, па ја земаат и ја прелистуваат.

Сепак, јас сум многу задоволен што сум уредник на таа едиција. Тврдам дека тоа е единствена така профилирана едиција на светот, барем немам информација дека постои некаде.

Фотографии: Марко Церовац/www.intuo.hr

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.