„Без крв“ на Драмски театар од Пловдив и Велешкиот театар – кулминација на фестивалот МИТЕМ во Будимпешта

Со петнаесетминутен аплауз на сцената на Националниот театар во Будимпешта, беше поздравена бугарско-македонската театарска екипа што ја создаде претставата „Без крв“, работена според романот на Алесандро Барико. Претставата не само што ја заокружи програмата на Меѓународниот театарски фестивал МИТЕМ, туку со право беше обележана како кулминација на целото издание на фестивалот.

Претставата е копродукциски проект меѓу Драмскиот театар – Пловдив и Драмскиот театар „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ – Велес, во рамки на меѓународниот проект „Манифест“, поддржан од Министерствата за култура на Македонија и на Бугарија, како и други културни партнери.

На режисерската позиција стои Диана Добрева, која денес важи за една од водечките театарски режисерки во Европа. Добрева умее да создаде визуелна поезија од траумата, да го претвори злото во симбол, а сцената во духовен простор на пречистување. Нејзиниот режисерски јазик – богат со симболика, музичност и движење – во „Без крв“ кулминира во сцени што сечат како тишина по врисок, следејќи ја авторската адаптација на Александар Секулов која поаѓа од изворникот на Барико.

Историјата што се раскажува во претставата започнува со чин на крвна одмазда и завршува со чин на одлука за простување. Оваа линија ја носат моќните изведби на Магарита Гошева, Васил Зафирчев, Исидор Јованоски, Патриција Пундева, Филип Христовски, Кети Борисовска, Елена Кабаскалова, Симеон и уште десетина други актери кои заедно создаваат ансамбл од човечки гласови, тела и судбини. Сценографијата на Валентин Светозаров создава простор во кој времето е снеможено, а музиката – компонирана од Јавор Карагитлиев и Сашко Костов (во живо) – пулсира како внатрешен ритам на раната.

Во својата официјална изјава во рамки на тркалезната маса по претставата, Андраш Козма, ко-селектор на фестивалот МИТЕМ и главен драматург на Националниот театар во Будимпешта, истакна:

„‘Без крв’ не е само претстава, тоа е нов театарски жанр – синтеза на поетски текст, музичко-сценска експресија и силна морална порака. Тоа дело не се гледа, туку се доживува. Со оваа продукција, МИТЕМ ја достигна својата естетска и емоционална кулминација.“

Оваа изјава не само што ја зацврсти уметничката тежина на проектот, туку ја потенцираше улогата на претставата како репрезент на современиот европски театар, кој не бега од болката, туку ја претвора во уметничка вистина.
По завршувањето на изведбата, во фоајето на Националниот театар беше организирана кружна маса и средба со публиката, на која присуствуваа режисерката, дел од актерскиот тим и театарски критичари од цела Европа. Интересот беше толку голем, што фоајето на театарот се покажа претесно за сите присутни. Размената на впечатоци, прашања и емоции уште еднаш потврди дека „Без крв“ не е само претстава – туку платформа за дијалог, општествена критика и духовно поврзување.

Со оваа изведба, македонско-бугарската продукција покажа дека уметноста сè уште може да биде глас на отпорот – кон заборавот, кон омразата, кон рамнодушноста. Театарот, во својата највозвишена форма, повторно стана простор на катарза и вистина.
Фестивалот МИТЕМ и оваа година ја задржа својата позиција како едно од најрелевантните и највлијателните европски театарски собиралишта, а „Без крв“ останува како негов врв – емоционален, естетски и човечки.

Сподели