Европски пилот-проект во Македонија: Без компетентни наставници нема квалитетни образовни промени

Силно веруваме дека крајните придобивки ќе ги имаат учениците, кои ќе имаат добро обучени, компетентни ментори, способни да обезбедат квалитетно следена практична работа, велат организаторите

На Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје деновиве се одржа обука за ментори и идни наставници во рамките на проектот КУАМЕН (QUAMEN). Целта е да спроведе серија работилници со високо квалитетна професионална обука и практична работа за ментори на студентите-идни наставници и да го сподели релевантното искуство со приодите за обука за ментори на младите наставници. Пилот-проектот вклучува 80 учесници:
– 20 училишни ментори ќе бидат обучени преку нова програма за обука насочена кон пракса, за предавање на демократија, човекови права и инклузија. Обуката ќе се заснова на новиот прирачник за ментори;
– 60 студенти-идни наставници ќе бидат поддржани во нивната практична работа од ново обучени ментори;
– 10 пилот училишта ќе воведат нов пристап кон менторството.

Пилот-проектот го спроведуваат професорите од Педагошкиот факултет Весна Макашевска, Лулзим Адеми и Маја Рауник-Кирков, заедно со Ролф Голоб од Циришкиот универзитетот за образование на наставници од Швајцарија, во соработка со Бирото за развоја на образованието. Пилот-проектот е основа за јасен, структуриран менторски систем, базиран на искуство и докази кој ќе се достави до МОН. Во тимот на тренери учествуваат и професорките Марина Стојановска, Валентина Гоговска и Катерина Русевска од Природно-математичкиот факултет при УКИМ. Целта е да се создадат обучени и компетентни наставници-ментори, ново, висококвалитетно следење и поддршка за време на практикантската работа за студенти-идни наставници, подиректен пристап до реалниот училишен контекст за универзитетски професори и услови за подобрување на универзитетските наставни програми, заеднички финален извештај и предлог на сите три страни до Министерството за образование и наука за спроведување низ целата земја.

– Силно веруваме дека крајните придобивки ќе ги имаат учениците, кои ќе имаат добро обучени, компетентни ментори, способни да обезбедат квалитетно следена практична работа. Така новите наставници ќе бидат опремени со потребните знаења и вештини за управување со наставниот процес и спроведување пристапи за учење за 21 век – велат од Педагошкиот факултет.

Тие додаваат дека Универзитетот планира да формира Центар за компетенции кон развој на менторски систем на Педагошкиот факултет, а резултатите од КУАМЕН ќе бидат споделени преку мрежата на универзитети која е веќе воспоставена во рамките на проектот „Идните наставници на на Западен Балкан“. Сите други универзитети во регионот исто така ќе имаат корист од целата развиена, тестирана и евалуирана обука за имплементацијата на оваа менторска програма во други земји, со што ќе се поттикне квалитетот на обуката на наставниците во целиот регион.

Пилот-проектот го спроведуваат Европскиот Вергеланд центар од Осло, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и Циришкиот универзитет за образование на наставници од Швајцарија. Во рамките на проектот EWC „Подготовка на идни наставници во Западен Балкан: Едукација за демократија и човекови права 2018-2021“, поддржана од Министерството за надворешни работи на Норвешка, во јули била иницирана потребата и можноста да се дејствува проактивно во менторството на студентите-идни наставници во Македонија.
– Нашата земја во моментов поминува низ интензивна реформа во образованието. И покрај тоа што фокусот е главно насочен кон промените на наставната програма, многу важнио за целиот образовен систем е да ја анализира обуката на наставниците, особено во областа на спроведување на практичната настава во почетните програми за обука на наставниците – велат од Педагошкиот факултет.

Тие додаваат дека факултетите за образование на наставници организираат практична работа секој семестар, но бројот на училишта што прифаќаат студенти-идни наставници е мал, а наставниците, кои ќе ги поддржуваат студентите не се обучени да бидат ментори. Во исто време, недостасува обука за менторите во однос на знаењато и вештините за тоа како да се поддржуваат и следат студентите-идни наставници и младите наставници преку посети во училиштата и професионални повратни информации за нивните компетенции засновани на докази.

– Недостатокот на доволни можности за практична работа за студентите-идни наставници ги остава со мала или никаква подготовка за тоа како да се справат со реалните животни предизвици што можат да се појават во училницата, вклучително и оние поврзани со различноста, етничката припадност, хетерогеноста итн. Така, образовниот систем на многу млади луѓе не им ги обезбедува компетенциите што се потребни за да се движат по актуелните и идните барања на општеството. Поддршката на идните наставници во нивната практична работа е од најголемо значење за успехот. За да го сторат тоа, наставниците во училиштата треба да добијат специфична обука за да ја исполнат улогата на ментор. Во моментов, нема обука за ментори која може да обезбеди можности за стекнување на знаења и вештини за тоа како да се поддржуваат и насочуваат студентите и младите наставници преку следење на нивната активност во училиштата и давање на професионални повратни информации – децидни се од Педагошкиот факултет.

Искуствата стекнати со проектот „Подготовка на идни наставници на Западен Балкан“ докажале дека избраниот концепт – ориентиран кон пристап на наставата и учењето со основа во практична работа ја пополнува празнината во образованието на наставниците.

Сподели