Без денар од Град Скопје почнува Скопско лето со концерт на Звјездан Ружиќ од Хрватска

Без никаква поддршка од Град Скопје, со намален буџет од Министерството за култура вечерва во 20.30 часот во Куршумли ан ќе биде отворено 45. издание на Скопско лето. Манифестацијата почнува со концертот на хрватскиот пијанист Звјездан Ружиќ. Во наредните 40 дена, посетителите ќе проследат 22 концерта, 7 театарски претстави, исто толку изложби и две промоции на книги. Фестивалот ќе биде затворен со концертот на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ на 31 јули во Сули ан.

– И покрај тоа што сме соочени со намален буџет од само 800.000 денари од Министерството за култура и без поддршка од Град Скопје, Скопско лето сепак ќе се одржи со богата и квалитетна програма – истакна Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје која по 45. пат ја организира манифестацијата.

Тој ја нагласи важноста на континуитетот и посветеноста на тимовите што 45 години го организираат Скопско лето.

– Сакам да им се заблагодарам на тие што во 1980 го стартуваа Скопско лето. Тие сметаа дека Скопје заслужува манифестација во текот на летото, а ние се трудиме секоја година да го оправдаме тоа – рече Глигоров.

Звјездан Ружиќ вечерва ќе го изведе уникатниот проект „Пијанотрон“ – комбинација од пијано, мелотрон и педали. Иако е академски џез пијанист, „Пијанотрон“ е филмска музика со влијанија од џезот, класиката, поп, рок и етно музиката. Ружиќ соработувал „2Cellos“, „Harlem Gospel Choir“, Јосипа Лисац и други. Неговите авторски албуми се наградени со пет награди „Порин“, а шест пати ја добил наградата „Статус“ за најдобар џез пијанист во Хрватска.

Формирана во 1949 година, Дирекцијата за култура и уметност од Скопеј веќе 75 години неуморно работи на организирање на безброј настани кои ја слават културата и ги обединуваат луѓето. Една од нив е Скопско лето која стана една од најзначајните манифестации кои го носат духот на летото во срцето на Скопје.

Една од најавените содржини на ова издание е концертот „Вивалдијада“ на 25 јуни во Музејот на македонската борба, каде ќе настапат камерниот оркестар на „Полифонија“, хорот „Св. Злата Мегленска“ и солисти од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Дополнително, ќе се одржат концерти на институтот Фејмс на 6 и 22 јули во Сули ан, како и завршниот концерт на „Етно Македонија 24“ на 24 јули.

Горан Наумовски најави посебен концерт на 4 јули во Операта, посветен на Григор Копров и неговите хитови, а ќе настапат Ана Петановска, Владо Јаневски, Наде Талевска и други познати музичари. На годинешното издание на Скопско лето ќе учествува и Францускиот културен центар со програма која одбележува 50 години од неговото постоење.

Сподели