Вреди ли без љубов сета музика? Сета таа страст и тој очај? Таа побуна против светот, против боговите и небото? И тој пад?

Пишува: Емил Алексиев

Таа нема да дојде! Жената што ја чека целиот живот нема да дојде. Залудно го искрши мебелот во хотелската соба. Залудно го изгази по подот купеното цвеќе. Залудно викаше и ја кинеше облеката. Залудно ја удираше главата од ѕидот. Кога го приведоа во полициската станица на Карлсбад во службената белешка од тој ден го запишаа неговото име: Лудвиг ван Бетовен.

Роден е во мало заспано гратче. Татко – слаб музичар, голем пијаница, насилник… Мајка – нежна, кревка, туберкулозна, секогаш тажна… Тој – дете со огромна музичка дарба, повлечен во себе, мечтател…

Таткото го дресира како циркуско мајмунче за да заработува од неговите трикови. Рано изразената музичка дарба го врзува со синџир за клавирот и тој мора да вежба од утро до мрак. Тој има пет години и таткото сака од него да направи чудо од дете. Кога првпат јавно настапува пред публика не ги исполнува очекувањата и мачењето станува пострашно. Секоја погрешна нота значи болка од ударите на прачката што ја држи таткото. Ако не успее да го запомни она што го учи го затвора во мрачен подрум. Но, наместо редовното пребивање да го одврати од музиката, тој во музиката наоѓа прибежиште од ужасот на стварноста.

Живее во свој свет. Осамен. Сенишен лик. Чуден. Сите го избегнуваат. Нема другари. Го маѓепсува ѕунењето на кристалните небесни сфери и неподносливата убавина на ангелската музика што само тој ја слуша. Таа музика сака да ја сподели со сите. Времето бргу минува во волшебната земја на музиката. Доаѓа во Виена. Компонира. Неговите композиции се предолги за публиката и претешки за изведувачите. Музичарите од оркестарот велат дека не можат да ги разберат. Тој вели дека се неспособни и дека нивното незнаење не може да биде мерка за неговата музика. Никој не го сака. Конечно, големиот Хајдн ја препознава неговата предизвикувачка музика и станува негов заштитник. Сега сите велат дека неговата музика е нешто ново и напредно. Тоа е жестока, страсна, возбудлива и необична музика. Набргу со својата необичност станува привлечен за високото општество. Тие ја слават неговата вештина, но не го разбираат. Тој е полн со бес и болка. Со божествен гнев. Непријатен и навредлив. Убеден во својата идна големина.

Решава од музиката да направи повеќе од забава за безволни благородници. Да создава уметност. Наместо ѕунење сега ѕвоно почнува да ѕвони во неговата глава. Се помалку ја слуша вревата на светот. Шепотењето зад грб се претвора во јавно подбивање. Тој го губи слухот.

Ѕвонењето во неговата глава се повеќе се зголемува и конечно – сè стивнува. Тој сега е наполно глув. Не го слуша светот, грмењето на топовите, војната и маршевите на војските…

Вревата на светот сега громогласно татни во глувите каменоломи на неговиот ум и меѓу розовите и сини облаци на неговите романтични занеси. Несмасен, тажен, напуштен од убавите жени кои некогаш ги љубел. Напуштен од сите шета по градските улици како скитник. Меѓу луѓето тој е како мечка што пците ја истерале од нејзиното дувло и сега лајат по неа.

Доживува катастрофа на јавните настапи. Срамен дебакл. Општеството го отфла. Одново е човек од кој сите се тргаат на страна и го одминуваат на улица без да го поздрават. Посакува да се самоубие. Музиката во неговата глава го одржува во живот. Ослободен од општествените ограничувања тој ја открива слободата на создавањето. Веќе не го засега мислењето на другите, ниту нивниот суд.

Сите негови љубови, сите страсти на кои им се предал, сите убави мигови – сето тоа се само слики кои полека горат во темнината на заборавот. Жената што ја љуби со љубов бесмртна и вечна нема да дојде. Никогаш.

Вреди ли без љубов сета музика? Сета таа страст и тој очај? Таа побуна против светот, против боговите и небото? И тој пад?

Посакува да престане да свири небесниот оркестар во неговата глава. Сите негови обиди да живее живот на обичен човек несреќно завршуваат. Старее. Се е страдање, болка и бес во овој свет. Неговиот гнев е прочуен. Гнев на џин кој талка по светот со раце на грбот и глава меѓу облаците додека сите бегаат од него.

Разочарување по разочарување, по сите несреќи и порази, по сите одбивања и понижувања, по сите недоразбирања и неостварени сништа, овој осамен, исмеан и отфрлен човек кој беснее и го крши мебелот во становите каде живее, кој пие сам до бесвест по кафеаните, кого го исфлаат на улица и по кој уличните деца фрлаат камења, а пците лаат – овој напуштен од сите човек едена бурна ноќ кога молњи блескаат зад мрачните облаци ја подига во гнев тупаницата кон небото, паѓа и умира.

Светот тоне во темнина. И во тој мрачен и глув свет одеднаш одекнуваат фанфари. Лудвиг ван Бетовен е мртов! Илјадници луѓе излегуваат од своите домови да го поздрават со солзи во очите неговото заминување од овој свет. Раштиманиот погребен оркестар го следи до гробиштата. Цвеќето е фрлено на гробот. Говорите се изговорени. Толпата се растура. Музичарите ги пакуваат инструментите. Сите заминуваат. Останува неговата музика вечно да патува низ бескрајната вселена меѓу ѕвездите.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.