Бесплатно патувачко кино под отворено небо во Валандово, Кичево и во Штип

Вкупно 12 филма, шест европски и шест македонски ќе бидат прикажани во три града во рамките на „Европското патувачко кино под отворено небо“ што се одржува во рамките на фестивалот „Синедејс“. Отвореното кино почна синоќа во Валандово пред салата „Јанко Узунов“, а продолжува и вечерва со проекции од 20.30 часот.

– Европското патувачко кино под отворено небо прикажува нови европски филмови, признаени од европската критика и сакани од европската публика, и секоја година овој филмски фестивал патува во три различни града низ земјата – велат од Младинскиот културен центар во Скопје.

По Валандово проекции ќе има на живописното Китино кале во Кичево (18 и 19 јуни), а завршува во Штип (24 и 25 јуни) на летната сцена на Младинскиот центар. Ќе бидат прикажани шест нови европски долгометражни филмови, повеќето од нив наградувани филмови и шест македонски кратки филмови, дел од нив наградувани на филмски фестивали, но и омилени меѓу домашните љубители на филмот. Сите проекции почнуваат во 20.30 часот, а по проекциите ќе следат разговори со филмските критичари Влатко Галевски, Златко Ѓелески и Јована Ѓорѓијоска, како и нивните гости, стручњаци за темите со кои се занимаваат филмовите.

Годинешната селекција на долгометражни филмови ги вклучува „Лавкат“ (Австрија), „Смената“ (Италија, Белгија), „Маре“ (Швајцарија, Хрватска), „Надеж“ (Норвешка, Шведска, Данска), „Атлас“ (Швајцарија, Белгија, Италија) и „Вселенското момче“ (Белгија).

Филмската селекција ги рефлектира современите теми што нѐ засегаат сите, но особено младите – од животот на тинејџерите и односите врз кои влијае интернетот, до насилниот екстремизам и тероризам, како и учеството на жените во кинематографијата, децата во науката итн.

Сподели