Бесплатно достапна платформа за обука за дигитализација преку „Еразмус+“ проект

Платформата Mobireel.eu што македонската Кинотека, во соработка со неколку партнери од Бугарија (SCAS и Народна библиотека „П. Р. Славејков”), Германија (Zeutschel) и Холандија (ERfgoedcentrum De Domijnen) ја сработија како дел од проектот Мобилна евтина дигитализација на винтиџ филмови во рамките на „Еразмус +“ програмата е достапна за сите граѓани. Со оглед на тоа што првата проектна година заврши, веб-платформата за проектот MobiReel е подготвена да се користи во сите пет јазични верзии – македонски, англиски, германски, холандски и бугарски јазик. Платформата нуди обука за дигитализација на т.н домашни филмови, снимени на ВХС, СВХС, 8мм, 9,5мм, 16мм итн. Секој граѓанин кој е заинтересиран за оваа обука може да се регистрира на платформата и да ја заврши обуката, а со успешно завршување на обуката се добива европски акредитиран сертификат.

Активен е и јутјуб-каналот на проектот и публиката може да ги види кратките видеа снимени од партнерските земји, направени за потребите на проектот: пет видеа за различните единици/модули што ги произведоа проектните партнери. Видеата се кратки објаснувања за темите на модулот. На каналот исто така можат да се видат и неколку кратки веќе дигитализирани филмови.

Како дел од проектот во моментот се работи и на снимање и на ново видео, а се подготвува и прирачник кој ќе биде достапен и онлајн.

Сподели