Бесплатен летен камп за најдобрите млади информатичари кои ќе ја претставуваат Македонија на меѓународните олимпијади по информатика и оваа година организира Здружението „Бистри умови“. Летниот еднонеделен подготвителен камп ќе почне утре во хотелот „Магнолија“ на Пониква кај Кочани. На отворањето на свечено обраќање ќе има градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов.

Ќе учествуваат вкупно 12 најдобри ученици/ натпреварувач, нивните ментори и професори од Факултетот за информатички науки и инженерство (ФИНКИ) предвдени од претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, проф. д-р Миле Јованов. Годинава „Бистри умови“ ќе го одбележи првиот роденден.
– Потикнати од искуството со нашиот син, кој веќе 3 година е во тимот кој ја претставува државата на меѓународните олимпијади по информатика, минатата година се одлучивме да го основаме „Бистри умови“ за да им помагаме на талентираните ученици и млади од цела Македонија. Во исто време да им помагаме и на други здруженија и сојузи – вели Анита Атанасова-Грчев, претседателка на Здружението.
Пред точно една година првата активност на „Бистри умови“ беше исто таков подготвителен камп за македонските тимови по информатика, кој беше реализиран во Кочани, во соработка со Здружението на информатичарите на Македонија.

За една година постоење „Бистри умови“ реализираше:
– летен подготвителен камп во соработка со ЗИМ за 2023 година, во Кочани;
– финансиска помош за патните трошоци за меѓународните Олимпијади по информатика за 2023 година;
– 6 месечни бесплатни курсеви по математика и информатика, за ученици од цела Македонија, кои ги следеа над 400 ученици;
– финансиска помош за организирање на Јуниорската балканска олимпијада по информатика, која се реализираше во Струмица, во Ноември 2023;
– донација по еден лаптоп на најдобрите 6 јуниори по информатика итн.
– „Бистри умови“ ќе ги продолжи бесплатните курсеви и блиската соработка со ЗИМ во интерес за потребите на учениците, да оствари соработка и со други здруженија од Македонија и од странство и многу други проекти – вели Атанасова-Грчев.





