Распродадена е театарската претстава „Лет над кукавичкото гнездо“ од Дејл Васерман, на Драмскиот театар од Белград што ќе биде изведена вечерва во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во рамките на фестивалот Охридско лето. Претставата е работена според романот на Кен Кесеј, во режија на Жанко Томиќ. Играат: Драган Бјелогрлиќ во улогата на Рендл Мекмарфи, Предраг Бјелац, Милан Чучиловиќ, Даниел Сич, Милутин Мима Караџиќ, Младен Совиљ, Јово Максиќ, Саво Радовиќ/Душан Ковачевиќ, Владан Милиќ, Милица Зариќ и други.
Претставата е во знакот на големото враќање на Драган Бјелогрлиќ на сцената на Белградскиот драмски театар во легендарната, мрачна хумористична сатира за поединецот во репресивен систем, ментални институции и слобода на духот. Драмата е напишана во 1962 година, а првата изведба била во 1963 година на Бродвеј со Кирк Даглас во главната улога.
Жанко Томиќ, роден е во Скопје. Како жител на Србија во 1997 година дипломирал театарска и радио режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Во 1995 година дипломирал српски јазик и југословенска литература, на Филозофскиот факултет во Нови Сад.
Режирал над 15 театарски претстави. Пет од нив во Српскиот народен театар во Белград, Суботица, Вршац, Херцег Нови и во САД. Во последните две години, според анкетата на театарската критика, тој беше рангиран меѓу петте најуспешни режисери. Режирал четири радио драми во продукција на Радио Белград. Бил уредник на драмската програма на фестивалот „Белградско лето“ во 1997 година. Коосновач е на независната театарска група Торпедо во 1997 и трупата Јорик. Учествувал во организирањето на основачкото собрание на Сојузот на драмските уметници на Србија. Член е на комисијата на Здружението на драмски уметници на Србија за подготовка на законот за театар. Од 1990 до 1993 година, бил соработник на драмската програма на Културниот центар од Нови Сад. Тој е преведувач од англиски јазик на бројни драмски текстови и литература. Се занимава со театрологија и теорија на јазикот (научен труд Анализа на дискурсот на разговорот режисер-актер. Од неодамна пишува статии и колумни за театарски теми за списанијата Лудус и Сцена. Работел како уредник на неделникот Европа.