Белгиецот Рубен Импенс ја доби „Златната камера 300“ за филмот „Осум планини“

Кинематограферот Рубен Импенс за филмот „Осум планини“ ја доби „Златната камера 300“, што му беше доделена синоќа на затворањето на 43. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Дариа Д’Антонио за „Божјата рака“ ја доби „Сребрената камера 300“, а кинематограферот Хидетоши Шиномија за филмот „Вози ја мојата кола“ ја доби „Бронзената камера 300“. Ова го одлучи меѓународното жири на фестивалот, предводено од Жан-Мари Дружу. Импенс ја доби наградата за „компонирањето на моќна и трогателна приказна што го одзема здивот, во која воодушевувачки се испреплетуваат планинските пејзажи и човечката осаменост во хармонија со природата, мајсторски снимени во тешки услови што ја стаписуваат публиката“, соопшти Дружу синоќа во Центарот за култура во Битола, каде беше спуштена завесната на ова издание.

Д’Антонио ја доби „Сребрената камера 300“ за „извонредно нијансираниот и сликовит приказ на животот во Неапол, прецизното и доследно кадрирање во ова прекрасно љубовно писмо до Фелини со автобиографски прикази“

Шиномија ја доби „Бронзената камера 300“ за „суптилната, но цврста камера која поетично ги пренесува трогателните човечки приказни за нежноста кои универзално одекнуваат“.

Жирито што одлучуваше за главните награди, во состав на: Маја Богојевиќ, Самир Љума, Жан Мари Дружу, Карлос Дијас и Мелиса Созен, одлучуваше и за наградата „Мала камера 300“. Наградата ја доби Шади Чабан за филмот „Варша“, за „совршеното мајсторство во создавањето на незаборавна визуелна поема која го спојува традиционалниот филмски јазик со новите технологии со цел да ги изнесе длабоко потиснатите чувства на протагонистот“, соопшти Љума.

Специјалната награда „Златна камера 300“ ја доби британскиот кинематографер Џон Метисон од Велика Британија. Тој е директор на фотографија кој зад себе има редица антологиски филмски остварувања, добитник на наградата „Бафта“, на британското друштво на кинематографери, две номинации за „Оскар“, неговата филмографија го вклучува „Гладијатор“, „Фантомот од операта“, „Кралот Артур“, „Робин Худ“, „Ханибал“, „Скајфол“ и многу други.

Џон Меткинсон ја прима наградата

Наградата му ја врачи министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска.

-Воодушевен сум што сум овде бидејќи ова е едно од местата каде соодветно се чествува нашата работа, а вие од фестивалот „Браќа Манаки“ навистина успевате да го направите онака како што доликува. Успевате да нè промовирате нас како кинематографери и нас како филмска камера, како нешто што заслужува многу голема важност. Луѓето понекогаш не сфаќаат колку е тешко страници црно бел текст да се преточат во визуелен јазик. Зошто ова не е обид да се зачува јазикот на некоја одредена група, визуелниот јазик секој го разбира. Кога снимале браќата Манаки имало само слики, а сликите сите ги разбираат – рече Метисон.

Оваа година на фестивалот му се врати документарната програма. Наградата за најдобар документарец ја доби „Мара“ на Саша Кулак, „што како предлошка ја поставува естетички и концептуално смела перспектива на политички турбулентните времиња низ кои поминуваме. Не само што не приближува до менталната состојба на лицата кои се изложени на политичко насилство од различен степен, туку и ни ги нуди филмските пристапи како алат за интеракција за преживеаните искуства“ – стои во образложението на жирито во состав: Јасмин Башиќ, Фејми Даут и Есин Белит. Жирито одлучи да даде посебно признание на „Гори сува земја“ на Џоана Пимента, за „зашто е формално храбар и силно политички определен филм, кој ги надминува жанровските граници, вешто играјќи си со инструментите на фикцијата, истражувајќи нови феминистички наративи филмот усоева да понуди вознемирувачки приказ на современ Бразил“.

Наградата за најдобар студентски филм ја доби филмот „Вдовица и сираче“ во режија на Никлас Форман. Ова е генијално снимен филм, на уникатен начин ја раскажува филмската приказна со поетски визуелен израз. Раскажан со стил, филмот се развива низ повеќе слоен наратив како визуелен тек на свеста, на ослободувачки експетиментален начин, стои во одлуката на жирито. Одлуката ја донесе жирито во состав: Митко Панов, Фејми Даут и Благоја Куновски – Доре.

Режисерот на филмот ја прими наградата и изрази благодарност до кинематограферите, жирито, тимот со кој работел и тимот волонтери од Фестивалот.

Сите изминати осум фестивалски денови „Браќа Манаки“ го славеше филмот и големите кинематографери. Градот Битола беше еден од најважните фестивалски центри во Европа. Во програмата имаше оскаровци, филмови од фестивалите во Кан, Венеција, Берлин. Токму затоа и не беше лесна задачата да се изберат најдобрите кинематографери.

-Нам реалноста не ни е доволна и затоа оваа година се обидовме да создадеме настан каков што заслужуваат Битола и Македонија. Имавме одлични филмови, фантастични жирија, имавме исклучителни добитници на наградите. Овој фестивал е бисер со кој можеме да се гордееме, сите кои работеле во изминатите години создале таква репутација во светот што сите кинематографери сакат да доаѓаат во Битола. За мене беше важно Битола да го чувствува фестивалот како свој и се надевам дека тоа се оствари бидејќи кино салите беа полни, луѓето беа дотерани. Само со овие две работи јас сум задоволен, рече директорот на Фестивалот Симеон Мони Дамевски и го прогласи фестивалот за затворен.

По доделувањето на наградите и свеченото затворање следуваше проекцијата на „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески.