Beach Film Festival започнува со грчкиот филм „Едноставен човек“

Петтото издание на Beach Film Festival ќе биде отворено вечерва во 20.30 часот во предворјето на црквата „Св.Софија“ во Охрид. Фестивалот ќе биде отворен со филмот „Едноставен човек“ (Simple Man) на режисерот Тасос Геракинис, филм за границите и последиците што доаѓаат од нивното преминување. По завршувањето на проекцијата посетителите ќе можат да се забавуваат со музичката програма на фестивалот која ќе ја отвори диџеј Дамјана.

Фестивалот ќе се одвива на четири локации. Од 21 јули програмата се сели на својата препознатлива локација – плажа, а оваа година тоа е плажата Славија. Таму секоја вечер ќе се одвиваат проекции со почеток во 20:30ч. Во Лапидариумот, каде блезот ќе биде бесплатен, ќе бидат прикажани кратките филмови од официјалната селекција и кратките студентски филмови од официјалната селекција. Додека на Бродот „Армада“ посетителите ќе имаат можност да уживаат во проекција додека се крстари низ Охридското Езеро.

Љубителите на филмот и филмската уметност на фестивалот ќе имаат можност да ги погледнат филмовите: A Pure Place, Anais in Love, Infinite Sea, Inventura, Bitch, a Derogatory Term for a Woman.

Фестивалот ќе биде затоврен со проекцијата на филмот „Сестри“ на Дина Дума.

Фестивалското жири ќе биде составено од германскиот кинематографер Фред Келемен, особено препознатлив по неговите соработки со еден од највлијателните европски режисери, Бела Тар. Потоа Кавех Захеди, американски независен режисер кој во рамките на фестивалот ќе одржи и мастерклас и Срѓан Драгојевиќ, српски режисер на култните „Ние не сме ангели“, „Рани“, „Паради“…

Покрај филмската и музичката програма, на фестивалот ќе се одржат и работилниците за дизајн на постер што ќе ја води Матеја Николиќ и филмска опрема, чиј модератор ќе биде Илија Тирицовски.

Фестивалските карти се по симболична цена од 100 денари и истите ќе можат да се набават онлајн на www.bff.mk или пак на самиот влез, пред проекциите на филмовите.

Сподели