Гледањето е нешто што се учи. Не се раѓаме со способност да гледаме. Па така, треба да очекуваме дека луѓето што научиле нешто на различен начин, треба да гледаат различно, вели проф. д-р Рокерс
Како функционира човековиот мозок? Каква е невронската основа за визуелна и длабинска перцепција и зошто кога поголема група луѓе гледаат иста фотографија, едните ја гледаат на еден начин, а другата сосема поинаку? Ова е само една од многуте сфери на интерес на проф. д-р Бас Рокерс, директор на Центарот за мозок и здравје при Универзитетот „Њујорк“ во Абу Даби. Рокерс пред повеќе од една година го посети Скопје и беше специјален гостин на Конференцијата „Наука за деца“ што ја организираше Фондацијата „Кантарот“.
Целта на Вашата работа е да ја открие невронската основа на визуелната перцепција, со фокус на перцепцијата на движење и длабочина. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?
– Има повеќе аспекти. Движењето и длабинската перцепција е тоа што лично ме интересира како истражувач. Тоа е главната компонента на Лабораторијата Rokers Vision. Но, како и повеќето научници, носам повеќе „шапки“. Другата улога е дека сум директор на Центарот за мозок и здравје. Таму се обидуваме да ја разбереме функцијата на мозокот во состојби на здравје и болест. Конкретно, ги проучуваме нарушувањата кои се многу застапени во Обединетите Арапски Емирати.
Вашите научни интереси навистина се импресивни и опфаќаат биологија, компјутерски науки, психологија, перцепција, визуелна невронаука, па дури и филозофија. Во која точка се среќаваат сиве овие области?
– Во некој аспект, апсолутно може да се најдат врски меѓу нив. Големото прашање е: Како функционира мозокот? За да се одговори, потребни се сите овие дисциплини. По својата природа е мултидисциплинарно прашање. Не можете да го проучувате целиот мозок одеднаш, па затоа перцепцијата на движење е многу корисна алатка, затоа што ве води низ целата патека – од сигналот на задниот дел на окото до нешто што мозокот го разбира како случување во светот. Тоа е нашиот прозорец кон она што се случува. Мозокот е најмистериозниот дел од човечкото тело. И покрај тоа што толку многу луѓе работат на него, допрва ја имаме изгребано површината.
Како може технологијата да помогне за науката да дознае повеќе за човечкиот мозок?
– Еден пример е виртуелната реалност. Таа ни овозможува да прикажеме нешта што се физички невозможни во реалниот свет и да видиме како мозокот реагира на тоа. Можам да ви покажам нешто што сигурно никогаш претходно не сте го виделе затоа што е невозможно да го видите во реалниот свет. На пример, можам да ви прикажам две различни слики на двете очи. Во реалноста, сликите што ги гледаме се малку различни, но ги доживуваме исто. Во виртуелната реалност не мора да е така. Потоа можеме да прашаме: Како мозокот ги комбинира тие различни слики од двете очи кога се различни во одредени нешта?
Значи, виртуелната реалност може да отвори „затворени прозорци“ за науката?
– Точно. Можете да поставите прашања што претходно немавте начин да ги поставите. Една од темите за кои често зборувам е гледањето, што е многу широка тема, опфаќа многу аспекти. Почнувам со прашањето дека сите мислиме дека гледаме исто. Тука има столче, масата е таму. Но, гледањето е нешто што се учи. Не се раѓаме со способност да гледаме. Па така, треба да очекуваме дека луѓето што научиле нешто на различен начин, треба да гледаат различно. И често покажувам примери каде половина од луѓето гледаат едно, а другата половина нешто сосема друго – иако гледаат иста слика.
Секогаш сум се прашувала дали двајца луѓе ја перципираат истата боја на ист начин…
– Тоа е филозофско прашање, проблемот на квалија (лична, искуствена перцепција н.з.). Не знаеме дали вашето доживување на црвената боја е исто како моето. И нема одговор на тоа. Но, јас зборувам за случаи каде луѓето објективно гледаат различни нешта. Едни велат дека нештото е црно, а останатите тврдат дека е златно.
Како машинското учење и вештачката интелигенција може да придонесат за подобрување на здравјето? И дали во иднина може да очекуваме дека слепите луѓе ќе можат повторно да гледаат?
– Враќањето на видот е можно. Има примери на деца кои растеле како слепи лица. И им овозможуваме операција за да им се врати видот. Но, враќањето на видот не гарантира дека ќе можете да повторно да гледате, затоа што не сте научиле. Гледањето се учи. За тоа зборував претходно, мозокот го нема искуството на гледање. Прашањето е дали мозокот сè уште е во состојба да се приспособи да учи. Слично како кај учењето јазик – полесно е кога си дете, отколку кога си постар. Можно е да се случи и подоцна, но трае подолго. Мора многу повеќе да се трудите.
Значи, може да се поправи окото и врската со мозокот, но прашање е дали мозокот може да се приспособи на визуализацијата?
– Точно. Може да го вратиме видот, но тоа не е доволно. Многу нарушувања не се проблем на окото, туку на мозокот. На ова прашање работиме. Тука доаѓа машинското учење и прецизната медицина. Често кога одите на доктор, тие имаат еден рецепт и еден лек за секого кој всушност има специфични симптоми на нарушувањето. Не треба сите пациенти да добиваат ист третман. Исто како на училиште. Некои деца учат на еден начин, други на поинаков и треба да имаат различен третман. Тука може да помогне машинското учење – да се создадат многу прецизни персонализирани терапии.
Има многу прашања поврзани со вештачката интелигенција, со нејзината етичка употреба, контролата на системите и слично. Денес, развојот на технологијата е многу побрз од човечката еволуција. Дали гледате некаква потенцијална опасност од ВИ?
– Мислам дека, особено во здравството, постои голем проблем. Ако ја користите за да предвидите дали некој ќе развие одредено нарушување или проблем во иднина, осигурителните компании навистина сакаат да ги имаат тие информации, затоа што тогаш можат да одлучат да не ве осигураат ако имате висок ризик, нели? Затоа е неопходно да постои рамка за тоа како се користат ваквите податоци, за да се обезбеди луѓето да бидат третирани еднакво, иако имаат различна склоност кон развивање одредени нарушувања.
Како ги коментирате ставовите дека на ВИ не треба да се гледа како алатка, туку како на агент, затоа што е првата технологија способна самостојно да носи одлуки?
– Постојано ги поместуваме границите. На пример, извесно време луѓето ја победуваа ВИ во шах. Потоа, во еден момент, ВИ стана доволно добра за да ги победува луѓето. И тогаш рековме: „Па добро, тоа не е вистинска интелигенција, туку само следење правила“. Значи, тоа веќе не важи. Мислам дека истото ќе се случи, кога ќе кажеме: „Па добро, тоа не е креативно, значи не е интелигенција“.
Пред 30 години, дали некогаш сте замислувале дека ВИ ќе се развива толку брзо што денес ќе го водиме овој разговор?
– Апсолутно. Не знам… Како додипломски студент, кога имав 18 години, студирав на универзитет и бев на насока за вештачка интелигенција. Тоа постоеше и тогаш.
Тоа Ви беше првата област на интерес?
– Да, тоа беше мојата насока. Студирав вештачка интелигенција. Програмата вклучуваше елементи од лингвистика, филозофија, психологија и биологија. Значи, тоа веќе се случуваше тогаш. ВИ има доживеано неколку бранови. Мислам дека големите јазични модели и генеративните модели донесоа ненадеен, голем напредок. Но, луѓе како Џефри Хинтон кој се смета за „дедо“ на модерната ВИ работеа на ова уште кога јас бев студент, пред околу 30 години. И јас тогаш работев со невронски мрежи. Големата разлика е што тогаш имав мала невронска мрежа и беше потребна една недела за да добијам резултат. Денес, истото може да се направи за неколку секунди. Пред 30 години, не мислевме дека ова ќе функционира на големо, дека решението едноставно е „да се направи поголемо“. Изненаден колку добро функционира денес. Навистина е неверојатно.
Кои се Вашите предвидувања за 30 години од сега?
– Научниците обично не сакаат да одговараат на вакви прашања… Зашто ова е само разговор, не е заклучок. Тоа е алатка. Исто како кога се појавија Google, Yahoo или AltaVista – пребарувачите. Одеднаш, не морав веќе да одам во библиотека за да истражувам за научни трудови. А порано морав да го правам тоа. Тоа драстично го забрза истражувањето. Мислам дека ВИ ќе го направи истото. Кога ги гледам студентите во мојата лабораторија денес, начинот на кој тие програмираат е преку разговор со ВИ, како дијалог. Додека јас порано пишував код и трошев многу време. Тоа навистина е голема помош. Продуктивноста ќе се зголеми. Тоа е навистина неверојатно.
Насловна фотографија: Небојша Гелевски-Бане





