Во Јапонија, како и кај нас, а всушност во целиот свет нема млади луѓе што не се среќаваат со потешкотии во врска со работата, кариерата, љубовта, а многу често во денешницата и со депресија и анксиозност и слични психички проблеми? Старите луѓе некаде во светот имаат проблеми со болести, се борат со заборавањето и им треба потпора од семејството? Ова се темите кои ги обработуваат првите два филма од годинешната програма на Неделата на јапонски филм што ќе се прикажуваат на 3 и 4 ноември во Кинотеката, но и двата филма што битолчани ќе можат да ги гледаат на 9 и 10 ноември во Центарот за култура во Битола. Ова беше најавено на прес-конференција вчера во Јапонската амбасада во земјава. Неделата на јапонски филм која се одвива по 16-ти пат во земјава, ќе обедини филмови од поновата јапонска кинематографија. Ова е една од активностите со кои се најавува 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу двете земји.

– За таа цел ќе се потрудиме да биде година исполнета со впечатливи настани кои уште повеќе ќе ги приближат нашите народи. Покрај дистрибуцијата на јапонски филмови, Јапонската фондација работи и на спроведување на сеопфатни меѓународни програми за културна размена низ целиот свет. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на тимот на Кинотеката, кој со многу труд и посветеност веќе 16 години ја прават неделата на јапонскиот филм возможна. Секако, голема благодарност до Министерството за култура, како и Центарот на култура во Битола, кој ќе биде домаќин на последните два дена од Неделата на јапонскиот филм оваа година – истакна амбасадорот Оцука Казуја.
Јапонскиот амбасадор ги повика сите заинтерсирани за јапонската култура и сакаат да бидат дел од заедничкото прославување, да ја земат во предвид можноста за аплицирање на отворениот конкурс за финансиска поддршка преку Јапонската фондација, на следниот линк.

За програмата зборуваше директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов.
– Овој фестивал ни помага да ги забележиме заедничките човечки драми што се искусуваат во секоја култура и ја приближува Јапонија до обичниот граѓанин на Македонија. Овие јапонски филмови, филмовите што ќе ги видиме на ова издание на Јапонскиот филмски фестивал, се нискобуџетни, независни (индифилмови), ангажирани визуелни драми на млади режисери, што се надевам дека ќе нè мрднат од секојдневието и ќе нè поттикнат на размислување – рече Ангелов.
Филмот со кој ќе биде отворена Неделата на јапонскиот филм е „Барем љубов“ – дебитантски филм на младиот режисер Косаи Секине. Овој филм ја обработува темата на еден општествен проблем наречен хикикомори. Се работи за специфичен тип на повлеченост од општеството што се појавува кај младата популација во Јапонија.
Иако овој тип на социјална повлеченост е именувана и препознаена во Jапонија, се забележува пораст на нарушување на менталното здравје и кај младите насекаде низ светот. Според светската здравствена организација нарушувањето на менталното здравје (пред сè депресијата и анксиозноста) се меѓу водечките причинители за смртност кај адолесцентите и младите возрасни. Овој филм ја зголемува свесноста за оваа тивка пандемија што владее во целиот свет, а за која, за жал, не се зборува доволно често.
„Долгото збогување“ (Nagai owakare) на Рјота Накано е вториот филм што ќе се прикажува во двата града. Приказната во овој филм се врти околу пензиониран професор што добива Aлцхајмерова болест и неговото семејство треба да ја прифати таа информација и да се соочи со промените кои ги очекуваат.
Во земја како Јапонија каде што стареењето на населението е проблем веќе подолго време, ваквите теми се многу повообичаени. Но и стариот континент почнува да старее, така што според најновите статистики во Европа се очекува дека во 2024 година ќе има повеќе стари лица над 65 години отколку што ќе има млади до 15.
В понеделник, на 6 ноември, ќе го проследиме филмот „Осаменото Уме дрво“ на Котаро Ваџима. Овој филм се занимава со болната тема на сите родители со аутистични деца, односно како да ги интегрираат своите деца во општеството и што да направат за да ги заштитат од немилосрдната средина. Ангелов упати покана до
Македонско научно здружение за аутизам да ни се придружи во проследувањето на овој филм.
На 7 ноември ќе следува „Филмските лажговци од Асахи-За“. Јуки Танада е една од најпродуктивните и најуспешни режисерки во Јапонија. Со малку полесна тема и во исто време автореферентен, овој филм зборува како едно од најстарите артхаус кина во Јапонија се бори за опстанок во напливот на комерцијални филмови.
Последниот ден во Кинотеката во Скопје на 8 ноември ќе биде прикажан филмот „Макуко“на Кеико Цуруока. Овој филм е еден необичен спој на приказна за растењето, менувањето на телото, перцепцијата на светот и друго, но овој пат со научно фантастичен пресврт. Ваквата креативност дава една друга димензија на она што секој возрасен го искусил и ни помага да се сетиме каква метаморфоза претставува човековото созревање.
Преку културата често се споделуваат навиките и традицијата на народите со што се изразува богатството на една култура. Тогаш забележуваме што е различно и убаво во различноста.





