Француските продуценти создаваат високобуџетни продукции, а буџетските можности на балканските продуценти се мали, и тоа се причините што тешко се потпишуваат договори
Развој на стратегиски план за зголемување на копродукциите на документарни филмови меѓу балканските земји е главна цел на 6. издание на форумот МакеКоПроДокс што се одржува во рамките на Фестивалот „Македокс“. Форумот на едно место собира претставници од регионалните филмски центри, професионалци од областа на документарниот филм и од филмската индустрија и 9 проекти што се во различни фази на продукција, избрани преку отворен повик.
Форумот беше отворен завчера со претставување на проектите и авторите кои учествуваа на работилницата за архивски практики во филмот „Замислување архиви“, а ја модерираа Кумјана Новакова и Влад Петри. Во присуство на менторите беа претставени четири документарни филмски проекти кои се во фаза на развој.
Во рамки на сесијата беа претставени проектите „Forget me not“ на Ања Медвед од Словенија, „Journey… far away from Africa“ на Разван Марчис од Романија, „The gods must be mistaken“ на Јакоб Кресе како копродукциски проект помеѓу Словенија, Германија, Италија и Хрватска, и проектот „We hid everything important!“ на Карла Црнчевиќ од Хрватска. Менторите на работилницата истакнаа дека станува збор за интересни проекти кои заслужуваат поддршка за понатамошен развој.
Модератори и ментори на тридневниот форум се Хеле Хансен (консултантка за документарен филм, поранешна филмска застапничка за документаристика во Норвешкиот и Данскиот институт), Бриџид О’Шеа (коосновачка на Документарното здружение на Европа), Зејнеп Ѓузел (раководителка на „Doc Station“ во рамки на Програмата за таленти на „Берлинале“, виша консултантка во Документарното здружение на Европа) и продуцентот Виктор Еде (Cinephage Productions) од Франција.
Втора сесија на форумот беше панелот „Архивски материјали и дигитализација“, кој го модерираше Хеле Хансен. Учесници на панелот беа Ериона Вишка од Албанскиот национален архив, Александар Трајковки од Кинотеката на Македонија и филмските автори Кумјана Новакова и Влад Петри. Дискусијата на панелот се одвиваше помеѓу две позиции – потребата за дигитализирање на архивските снимки и потребите на филмските автори. Петри и Новакова низ искуствата на своите филмови „Помеѓу револуциите“, односно „Молкот на разумот“, истакнаа дека авторите се соочуваат со многу тешкотии во наоѓање на архивски материјали за своите филмови. Вишка објасни дека 70 отсто од материјалите што ги поседуваат веќе се дигитализирани и објавени во каталог. Трајковски рече дека неговата работна позиција е на дигитализација на архивски материјали и дека прават сè што е можно во условите во кои се наоѓа неговата установа да се дигитализираат повеќе архивски снимки.
Третата сесија на форумот беше со акцент на презентација на документарните архиви преку „Док архив маркет“, кој беше презентиран од директорката на „Док индустри“ на фестивалот „Док Лајпциг“, Надја Тенстед. Таа ги претстави сите сегменти на професионалниот маркет за архиви, кој ќе се одржи од 28 октомври до 3 ноември оваа година. На маркетот се вклучени најголемите светски платформи за фотографија и видео со нивните архиви што се создавани со години наназад. Директорката Тенстед истакна дека маркетот е создаден за да се избегне комплексниот бирократски апарат за добивање информација од државните архиви и да се даде можност за полесен пристап до приватните архиви.
Дел од истата сесија беше и презентацијата на „Документарница“, лабораторија за развој на документарни филмови од Словенија, којашто е создадена од Словенечкиот филмски центар и Друштвото на режисери од Словенија. Презентацијата ја одржа режисерката Петра Селишкар. Станува збор за заедница на словенечките документаристи, кои изнаоѓаат нови и креативни форми на взаемна поддршка во процесот на создавање на креативните документарни филмови.
Во соработка со Францускиот институт и Француската амбасада завчера се одржа панел помеѓу претставници на балканските филмски центри и продуценти од Франција, а на панелот се зборуваше за договорите за копродукција помеѓу балканските држави и Франција. Модератор на сесијата беше Хеле Хансен, а учествуваа францускиот продуцент Виктор Еде, продуцентката Морана Икиќ Комљеновиќ од Хрватскиот аудиовизуелен центар и Јана Сари, директорка за промоција при „Хелас филм“ од Грција. Заклучок од дискусијата беше дека има многу малку копродукции помеѓу Франција и балканските држави, бидејќи француските продуценти создаваат високобуџетни продукции, а буџетските можности на балканските продуценти се мали, и тоа се причините што тешко се потпишуваат договори. Хансен инсистираше да се најде начин како да се надмине проблемот.
Форумот продолжи вчера со поединечни пичинг-сесии помеѓу филмски автори носители на проекти и професионални претставници од филмски центри, продукции и фестивали. На крајот од сесиите ќе бидат објавени и наградените проекти. Раководител на индустри програмата на „Македокс“ е Сара Ферро.
Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „Македокс“ (www.makedox.mk), а ќе може да се симне и фестивалската апликација. Партнери на „Македокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотеката на Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“. Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, амбасадите на Холандија, Франција, Чешка, и Словенија, Францускиот институт, Чешкиот културен центар во Софија, Словенечката амбасада, Грчкиот филмски центар, Гете институт, „Вардар филм“, МКЦ, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, такси „Глобал“, „Лабораториум“. Медиумски покровители на „Македокс“ се МТВ, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк, Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа и Култура Бета.