Балканскиот рис, македонскиот даб, гинкото… – на муралот на студенти на ФЛУ на ѕид на факултетот „Ханс Ем“

Создавање на едно монументално дело е сложен и комплексен процес, кој од студентите побарува да бидат теоретски и технички подготвени. Целиот проект ќе ги охрабри во иднина самостојно да конципираат визуелни идејни решенија, кои ќе бидат предмет на јавна валоризација – вели доцент м-р Марија Сотировска Богдановска од Факултетот за ликовна уметност во Скопје

Тринаесетмина студенти од Факултетот за ликовна уметност од Скопје, предводени од нивните професори доцент м-р Марија Сотировска Богдановска и проф. д-р Ангел Миов, го разубавија еден од ѕидовите на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ во Скопје. Во изминатите три недели, од кои една недела работа на терен, односно самото сликање, тие создадоа уметничко дело како резултат на проект финансиран од програмата ИКСА на Универзитетот „Кирил и Методиј“ од Скопје. Муралот е наречен „Зачувување на биодиверзитетот“. Поразговаравме со Сотировска-Богдановска. Таа објаснува дека поради временските услови, дожд, ветер, морале да направат неколку прекини на работата, но паузата е добра „затоа што дозволува да се направи една интроспекција, која студентите ќе ги доведе до сублимација на она што треба да го досликаат на муралот“. Скелето веќе е отстрането, а муралот е готов.

Како дојдовте до идејата за муралот?

– Овој мурал е заедничка соработка со деканката на Факултетoт за ликовни уметности, проф. д-р Славица Јанешлиева и деканот на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, проф. д-р Кирил Сотировски. Проектот во целост е финансиран од програмата ИКСА на УКИМ, а јас бев подносител на проектот и заедно со проф. д-р Ангел Миов сме координатори во целата реализација.

Што точно претставува муралот? Што се слика и дали е заедничка замисла на студентите?

– Целта на овој мурал е промоција на ѕидното сликарство во секо техника и современите ликовни уметнички концепти и тенденции на младите идни автори, да бидат што повеќе видливи со нивниот ликовен израз преку  монументалноста на делото – муралот, кој ќе остави траен белег во јавниот простор. Делото ќе комуницира со пошироката публика и воедно ќе поттикне критична мисла за зачувување, заштита и унапредување на нашата природна околина.

Доцент м-р Марија Сотировска Богдановска

Претходниот семестар студентите што го слушаа предметот Сликарски техники 3 од прв циклус и предметот Современи сликарски практики од втор циклус, беа вклучени во создавање на скици на тема „Зачувување на биодиверзитетот“ за зададениот фасаден простор со димензии 4,5м х 15м. Три члена комисија од двата факултети го одбраа ова идејно решение. Морам да потенцирам дека сите студенти ангажирано се посветија во создавање на повеќе идејни предлози, од кои поголемиот број во иднина заслужуваат нивна реализација во друг јавен простор.

„Зачувување на биодиверзитетот” го адресира еден од најголемите еколошки проблеми со кои се соочува нашата цивилизација, па и животот генерално на нашата планета, а тоа е масовното исчезнување на видовите, односно губењето на многубројни животни облици на нашата планета. Инспирирани сликавме растителна и животинска природа, конкретно биодиверзитетот на нашите простори, како што се балканскиот рис или македонскиот даб, дрвото реликт односно гинкото, инсекти, печурки, многубројни овошки, и сл. Крајниот резултат е воодушевувачки, скица што беше составена од посебни елементи, функционира хармонично како една целина“ – ќе каже Сара Милошевска чија што скица беше избрана за изработка на овој мурал и ќе додаде: „Пред сé ми беше големо задоволство и предизвик да работам на еден ваков голем проект, сликање на мурал на дел од фасадата на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ кој носи една голема порака до сите нас, мораме да се грижиме и да го почитуваме другиот и другите, затоа што сите во овој систем сме споени садови“. Доколку преку муралот барем малку ја пренесеме пораката до пошироката јавност, тогаш сме успеале во намерата!

Колку студенти беа вклучени?

– Во реализација на овој мурал вклучени се студентите од четврта година кои ја имаат одбрано Студиска програма по сликарство и трансмедиумски практики. Организациско стратешки се поделија на две групи, секој ден различна група, затоа што траекторијата на движење и работа на скеле е ограничена и комплексна, не дозволува импровизирање. Студентите колеги од прв циклус се: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Лирим Јусуфи, Камелија Каларменикова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова, Никола Тренов. Од втор циклус: Јоана Арсовска и Јана Николовска и со доброволна партиципација се вклучи и Евгенија Трајковска на Студиска програма по графика и трансмедиумски практики.

Колку е важно за студентите да добиваат ваков тип на предизвици, па и надвор од студентските клупи и ателјеа?

– Сликањето на овој студентски мурал е од голема важност за нашите студенти. Преку многуте теоретски и практични вежби кои се спроведуваат во студиските уметнички програми на факултетот, преку предавања и практична работа, студии на цртежи, скици, слики, графики, скулптури, низ мисловни и ликовни процеси стекнуваат нови искуства. Тие ги применуваат методите, стекнатите техники и вештини видливи сега и во јавниот простор со дополнителна вредност и корист на широката публика и заедница.

Со овој проект тие имаат можност да ги согледаат проблематиките на сликарските практики при сликање на ѕидна површина-фасада која е дел од јавен простор, а со тоа им овозможува да ги надминат малите формати на слики. Да излезат надвор од просториите на удобните, комфорни и топли ателјеа, надвор од галериите на факултетот во јавниот простор, и со тоа тие создаваат критички пристап на самоиспитување и истражување. Преку процесот на сликање на муралот, од идеја до реализација, се стекнуваат со нови вештини на комуникација и меѓусебна соработка, што многу ќе им значи како идни академски ликовни автори.

Создавање на едно монументално дело е сложен и комплексен процес, кој од студентите побарува да бидат теоретски и технички подготвени. Целиот проект ќе ги охрабри во иднина самостојно да конципираат визуелни идејни решенија, кои ќе бидат предмет на јавна валоризација.

Убедена сум дека овој студентски мурал ќе поттикне интерес за сликање на ѕидни слики-мурали и кај други институции како и во приватниот сектор. Студентите на ФЛУ имаат современи концепциски зрели идеи, пристап и истрајност во нивната реализација.

Сподели